Прв Street workout натпревар во Македонија

Првиот Street workout натпревар во Македонија организиран од клубот Бар Гладијаторс кој што се одржа вчера во арената во паркот помеѓу зградите во близина на средното училиште „Перо Наков“ ги задржа сите стандарди на врвно меѓународно натпреварување. Организацијата беше на високо ниво, а посебен квалитет на самиот натпревар му дадоа и големиот број на  натпреварувачи кои што дојдоа од соседните земји, но и оние од државата. На турнирот настапија натпреварувачи кои се меѓу најдобрите од земјите или клубовите од кои што доаѓаат, а исто така имаше и натпреварувачи кои што самостојно тренираат така што можеше да се видат различни стилови или техники на изведување на дисциплините. Покрај педесетина онлајн пријавени учесници, имаше уште голем број на натпреварувачи кои се пријавија пред самиот почеток. Атмосферата во паркот беше пријатна со оглед на тоа што имаше гледачи од различни возрасти, а дождливото време не успеа да го расипе впечатокот на натпреварувачите во однос на целиот настан.

-Одлично си поминувам, прв пат во животот се натпреварувам, чисто од рекреатива добив ете и медали. Без разлика на тоа, одлична забава беше задоволна сум. Се надевам дека ќе се видиме и наредна година, вели Марина Милановска, натпреварувач од Скопје

-Натпреварувањето е добро, искрено кажано најдобро до сега на кое што сум учествувал. Има најмногу пријавени по секоја дисциплина. Слушнав дека има 60 луѓе кои се натпреваруват, што е голем број и голема конкуренција. Се надевам дека ќе организираат и наредна година така што сигурно ќе дојдам,вели Милија Ѓуриќ, натпреварувач од Обреновац.

Во однос на резултатите најголемото изненадување беше настапот на натпреварувачката од Република Бугарија, Елена Љубенова која што покрај тоа што во женска конкуренција го освои првото место во дисциплината склекови, во машка конкуренција Фри Стајл го освои третото место. Првото место во дисциплината фри стајл го освои Антонио Димовски од Скопје. Во дисциплина склекови најдобар беше Андреј Марковиќ од Битола. Во останатите дисциплини први места земаа натпреварувачи од Србија. Во дисциплината  руски згибови најдобар беше Лука Кузман од Нови Сад. Во дисциплина згибови Александар Бошњак од Белград, а во пропаѓања Милија Ѓуриќ од Обреновац. Во женска категорија во дисциплина чучњеви најдобра беше Марина Милановска од Скопје. Пехарите за најдобрите натпреварувачи завршија во рацете на Милановска, Бошњак и Димовски. Најдобрите натпреварувачи посочија дека за постигнување на добри резултати неопходно е напорно тренирање.

-Вежбам три години, севкупно, но затоа што студирам можам еден час дневно до два најмногу, така што е напоро ама забавно, битно е да се дружиме, вели Милија Ѓуриќ натпреварувач од Обреновац

-Со овие дисциплини две години се занимавам од кои шест години чисто во теретана вежбав за себе, вели Марина Милановска, натпреварувач од Скопје

-Со Street workout се занимавам две години. Ова ми е прво натпреварување и добив трето место во згибови, конкуренцијата беше навистина голема беше тешко да се дојде до медал. Натпреварувањето е организирано на највисоко ниво што може, до сега прво во Македонија,вели Андреј Марковиќ натпреварувач од Битола

Со завршувањето на првиот Street workout натпревар во државата натпреварувачите веќе се подготвуваат за наредните турнири во соседните земји.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)