Предавање за кардиоваскуларни болести

Во „Центарот за култура“ вчера се одржа предавање за кардиоваскуларни заболувања организирано од Здружението на пензионери „Куманово“ и активистите на „Црвениот крст“ со цел информирање на граѓаните за превенција и лекување на истите. Темата на предавањето е актуелна во светски рамки поради тоа што кардиоваскуларните болести се најчестите кои што предизвикуваат смртност или инвалидитет кај луѓето. Кардиоваскуларните заболувања за кои што се даде посебен акцент на предавањето се болестите на срцето и крвните садови и хипертензијата. Како голем број на фактори кои што предизвикуваат срцеви заболувања се притисокот, шеќерната болест, пушењето, зголемените масти, физичката неактивност и стресните ситуации. Организаторите на настанот посочија дека ваквите предавања имаат голема улога во едукација на граѓаните со што им се овозможува да бидат во контакт со стручно лице и доколку имаат лични прашања да се информираат.

-Ние веруваме дека со почесто одење на овакви презентација граѓаните се запознаваат со поопширна информација за кардио заболува. Имаме организирано слични вакви настани и многу добро поминавме на истите, вели Дарко Андоновски, Црвен Крст

Интернистот Никола Костовски кој што го одржа предавањето посочи дека во однос на кардиоваскуларните заболувања постојат многу нови податоци и анализи кои што граѓаните не ги знаат и изведуваат заклучоци од старите. Интернистот Костовски кој има долгогодишно искуство истакна дека бројката на смртност од кардиоваскуларните заболувања во минатото била помала во однос на моменталната.

-Ова предавање не е наменето само за пензионерите бидејќи има една премиса дека оние што поминале 65 години помалку ги фаќа инфаркт за разлика од младите генерации. За жал во последно време инциденцата од заболување на срцето е многу почеста кај младата популација отколку кај постарата. Така што оваа тема не е актуелна само за пензионерите и за постарата популација таа е актуелна секогаш. Може да се каже дека во денешно време е поактуелна за помладата генерација, вели Никола Костовски, интернист

Како превенција од кардиоваскуларните заболувања најбитно е да се намалат ризик факторите како што е пушењето, контролата на крвниот притисок, намалување на холестеролот и триглицеридите, но и зголемување на физичката активност, подобрување на квалитетот на животот со што се намалува потенцијалот за заболување. Како еден од клучните фактори за појавување на кардиоваскуларните болестите интернистот Костовски ги наведе и генетските предиспозиции на индивидуата поради тоа што голем дел од заболените имаат свои предци кои страдале од истите. Но и покрај генетскиот фактор голем број од заболените кои правилно се лекуваат и внимаваат на својот начин на живот можат да си овозможат нормално фунционирање.

-Медицината денеска повеќе се базира на превентивна дејност ако сакаме го намалиме рапидниот раст на овие заболувања. За жал додека во западните земји трендот на кардиоваскуларни заболувања се намалува во источните земји со средна развиеност, тој расте, заради недоволна социјално економска култура, стилот и начинот на живеење. Токму на тој план е најважно да се направат напори, не само да се лечи, да се пијат медикаменти по секоја цена, туку превентивно да се делува, вели Никола Костовски, интернист

Предавањата за кардиоваскуларните болести во развиените земји се нормална појава поради тоа што трендот на борбата со овие болести е да се преминува на медикаменти во најнеопходни  случаи.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)