Преку самовработување до сопствен бизнис

Околу 90 невработени лица годинава ќе бидат вработени со отворање сопствен бизнис преку мерката самовработување која досега е најатрактивна за кумановци. Најголем дел од лицата веќе ги регистрирале своите фирми, вработени се во нив и во тек е процесот на набавка на основни средства или репроматеријали зависно од  тоа како тие се изјасниле при апликацијата  за учество во оваа програма, информира раководителот на центарот за вработување во Куманово, Марија Димитријевска.

-Со мерката самовработување на невработените лица кои што сакаат да започнат свој бизнис им се дава грант неповратни средства во износ од 5.000 евра. Грантот не е директен грант туку во форма на набавка на опрема или репроматеријали. Оваа година како и минатата година имаше можност две невработени лица кои што имаат иста бизнис идеја да ги здружат своите идеи, а нормално и своите средства , така што тука станува збор за грант од 10.000 евра за набавка на опрема и репроматеријали и во овој случај лицата го здружуваат својот бизнис и формираат друштво со ограничена одговорност каде што и двете лица се јавуваат како основачи на фирмата. Постои можност тука доколку нивниот процес на работа, нивниот бизнис бара да биде ангажирано дополнително и друго лице , освен тие што ќе се јават како оснивачи, постојат и средства за дополнителни вработувања, изјави Марија Димитријевска, раководител на Центар за вработување Куманово

Освен за мерката самовработување, голем интерес кај невработените граѓани има и за програмата Практиканство, преку која тие ги усовршуават своите практични знаења и искуства кај конкретен работодавач во период од три до шест месеци.

-Најголем дел од лицата што аплицираа, а исто така и фирмите што покажаа интерес за учество во оваа програма се обучуваат за период од шест месеци затоа што се смета дека тоа е некој оптимален период за кој што едно невработено лице кое што не поседува практично искуство може да стекне одредени практични вештини за тој период. За време на периодот на ангажирањето како практиканти на невработените лица им се исплатува месечен надоместок  во износ од 9.000 денари бруто, со тоа што се плаќа персонален данок и придонесот за професионално заболување. Оваа година на ниво на центарот за вработување Куманово се склучени 225 договори, изјави Димитријевска.

Дел од лицата што аплицирале за програмата Практиканство веќе се вработени, без разлика дали кај работадавачите кај кои што посетувале практична работа или пак кај друг работодавач, велат надлежните.

Инаку, со оперативниот план за активни политики и мерки за вработување се предвидуваат низа мерки чија што цел е креирање и создавање нови работни места, како и  зголемување на степенот на вработеност на невработените  лица  со цел тие да станат поконкурентни на пазарот на труд.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)