Премиера на „ Макбет“ во Театар Куманово

 „Макбет“ од Вилијам Шекспир, во режија на  Андреј Цветановски  премиерно ќе биде изведена во петок неделава во Театар Куманово. Втората сезона годинава, актерите ја започнуваат со одлична театарска претстава од Шекспир кој претставува основа за светската театарска класика. Шекспир пишува за универзални вредности, за универазални мани на човекот кои не можеме да ги искорениме, зошто ни се впишани во генот. Со таа мисла е пишувано и големото дело за шкотскиот кралски пар Макбет кој што се откажува од се, од приватниот живот, од се она што не прави луѓе и си го посветува животот на тоа да стигнат до нивната цел, а тоа е тронот на Шкотска. Режисерот Андреј Цветановски втор пат работи во Кумановои  по текст на текст на еден од класиците на светската драгаматургија, актуелен во секое време.

-Претставата зборува за амбицијата, за вечната желба на човекот да биде на некое скалило погоре, ако може на највисокото и во таа борба колку се губи она што е човекот. Една, според мене, љубовна приказна која што завршува со крв. Брачниот пар Макбет се оние кои што се стожери на претставата наспроти општеството односно другите луѓе , другиот дел од екипата кои што го претставуваат се она што е нашето опкружување, рече Андреј Цветановски, режисер

„ Да се работи Шекспир навистина е големо задоволство и предизвик за секој актер, но и еден од најголемите испити, смета актерот Горан Илиќ, кој што е главен лик во претставата. Илиќ досега одиграл пет претстави од Шекспир, „Макбет“ е шестата, а ја работи вторпат.

-Претставата „Макбет“ секогаш ја следат некакви малери, лоши случувања. Најголема трагедија е кога Шекспир се работи површно, кога не се навлегува длабоко во материјата. Овде сум највозрасен во екипата, но навистина сум благодарен на младата екипа која соработуваше со нас, на артистите кои доста се вложија и ова е за нив голем испит, рече Горан Илиќ, актер

-Мислам дека направивме одличен производ, одлична театарска претстава. Знам дека некому тоа ќе му звучи не скромно, меѓутоа сериозно, цврсто и одговорно стојам зад она што го кажувам. Ние во последните години како театар се наоѓаме во многу незавидна позиција и затоа многу често сме приморани да правиме многу компромиси , рече Кети Дончевска Илиќ, актерка

Кети Дончевска Илиќ е во улога на Лејди Макбет, трите вештерки ги глумат Александра Пешевска, Сања Русеска и Александра Михајловска,  а дел од претставата се и Антонио Димитриевски, Мирослав Петковиќ, Марко Трајковиќ , Владо Дојчиноски, како и подмладокот од актерската екипа, Давид Илиќ и Матеј Стојковски .

Премиерното издание на „Макбет“ е со почеток во 20 часот.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)