Претрес во домот на началникот на СВР Куманово

Специјалните екипи на Министерството за внатрешни работи заедно со јавни обвинители и крим техничари вчера околу 16:40 упаднаа во семејниот дом на началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ.

Основното јавно обвинителство покренало истрага за наводни сомневања за корупција и вмешаност на Величковиќ во изборен криминал.

Доста напната и тензична беше атмосферата доцна вечерва по 21 часот откако пред домот на началникот се собраа приврзаници на СДСМ и граѓани кои револтирани застанаа во одбрана на Величковиќ. Тие скандираа против Чавков, а со своите возила го попречија излезот од дворот на началникот, па и да дојдеше до апсење невозможна мисија ќе беше Величковиќ да биде изведен од својот семеен дом.

По половина час излезе и самиот Стојанче Величковиќ кој се качи на еден од полициските џипови и ја повика толпата да се разиде од пред неговиот дом, затоа што специјалците ветиле дека нема да биде приведен.  За акцијата обвини дека поранешниот министер Митко Чавков и јавниот обвинител Марко Зврлевски го монтираат случајот против него.

Дојдоа да ме апсат бандитите на Зврлевски, ми фингираат списоци и документи кои ги имам регуларно во својата чанта. Со нив располагам и со нив менаџирам. Ова е се за да може да ме психички заплашат. Колегит еќе си одат службено и ќе си водат регуларна постапка, ако сум виновен ќе одговарам. Јас ви гарантирам дека ова е мотивирано од Митко Чавков, од инспектори што се заштитени како бели мечко, Основно јавно обвинителство од Зврлевски и да ме заплашат за победата во Куманово. Од моја страна не беше дозволено селективно казнување на возила кои донесуваат и од еден и од друг политички табор до гласачките места, на сите им беше дозволено по сопствена волја и желба  – рече Величковиќ.

Во одбрана на Величковиќ застана и првиот човек на Општина Куманово, Зоран Дамјановски кој вели дека во период кога нема дефинирани официјални резултати од изборите се сее страв кај граѓаните, кои ги повика да останат мирни и воздржани од провокации.

Откако заедно со насобраната толпа, Величковиќ замина на страна, полициските возила и обвинителите заминаа од неговиот семеен дом, а со себе зеле документи кои допрва ќе бидат вештачени.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека присуството на нивните специјални екипи било побарано од страна на ајвните обвинители кои вршеле претрес во домот на Величковиќ, додека пак од ОЈО пристигна соопштение во кое стои дека не била издадена наредба за приведување, туку само за претрес.

Наредбата за претрес на дом е издадена од страна на Судија на претходна постапка од Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Цел на претресот беше пронаоѓање траги на кривично дело или предмети важни за кривичната постапка и нивно одземање. Одземени се предмети што содржат податоци во писмена форма и предмети што содржат податоци во електронска форма, во врска со кривични дела – Злосторничко здружување од чл.394 и Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик, како и други кривични дела за кои се гони по службена должност – стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

Акцијата следува само 48 часа од завршувањето на изборите и завршувањето на мандатот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, од чија страна Величковиќ беше именуван за началник на кумановската полиција.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)