Претставата „Власт“ ја наполни салата во Центарот за култура

Љубителите на театарската уметност синоќа имаа можност да ја проследат претставата „Власт“, во рамки  на 22-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, во изведба на Театар „Славија“ од Белград. Станува збор за претстава по текстот на Бранислав Нушиќ, а под режисерска палка на Радослав Златан Дориќ. Актерската екипа која претежно е составена од повозрасни и поискусни актери, вели дека е чест да се игра оваа претстава на фестивалот, кој воедно ги врати во некои други времиња кога исто така гостувале со свои претстави во Куманово.

– Претставата е тешка, сцената е огромна, многу народ и моравме да викаме, а тоа бара енергија, затоа што ние ова го играме на мала сцена во „Славија“, ова е искуство, иако сме играли на голема сцена, ова е една од најголемите. Не сум прв пат во Куманово, мислам дека сум играла многу одамна во театарот гостувавме, убаво е Куманово, времето ви е прекрасно, публиката ви е прекрасна, рече актерката Јелица Сретеновиќ.

– Претставата не е завршена и обично кога се игра „Власт“, режисерот ја завршува комедијата на свој начин. Ова беше еден сериозен режисер, имав среќа да играм и во неговото прво парче уште како студент во Народен театар, а овој кој го режираше и допиша мислам дека е 11-та година како ја играме, а ова мислам дека е 131-ва претстава, рече актерот Милан Цаци Михајловиќ.

Фестивалот продолжува и вечерва кога на сцената во НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе биде изведена претставата „Жени пред нервен слом“ на Театар „Комедија“ од Скопје.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)