Претставата „Мојата ти“ за семејството Спасиќ од Ново село

„Мојата ти“ е претставата која утревечер, со почеток во 20 часот, ќе се изведе во Театар Куманово, а собраните средства ќе се донираат за седумчленото семејство Спасиќ од Ново село. Од кумановскиот театар ги повикуваат граѓаните масовно да ја проследат оваа претстава и со заеднички сили да му помогнат на ова семејство.

-Навистина им е потребна нашата помош, ние како актери, институција, сакаме целосно да помогнеме па затоа вака ги повикувам граѓаните да дојдат да ја погледнат претставата која што и ќе ги растажи и ќе ги насмее, но и ќе направат нешто добро, ќе помогнат, ќе ги донираат нивните средства за тоа семејство, и мислам дека тоа е многу важно, едно саботно кафе може да се замени со билет во театар, ќе помогнеме, тоа е и наша должност и како уметници и како граѓани да помогнеме на оној на кој што во моментов му е потребна помош-посочи актерката Владанка Димковска.

Претставата „Мојата ти“ е работена според текстот на Олга Димитријевиќ, а во режија на Драгана Милошевска Попова. Делото зборува за четири жени, кои се спротивставуваат на секојдневнието, кое за нив е несфатливо и сурово. Тие се нападнати од урбана мафија, потплатени градежници, кои сакаат да го узурпираат нивниот простор.

-Претставата има една различна порака од останатите, зборува за љубовта, сегашноста, но многу повеќе зборува за минатото. За едно минато кое што малку по малку го забораваме а театарот служи за тоа за да не потсети. Овој текст е специфичен од многу аспекти не би сакала да отворивам повеќе, би сакала да ги повикам сите кумановци да дојдат и да ја видат претставата, бидејќи навистина нема да си излезат рамнодушни од театарот, ќе добијат една поинаква катарза и навистина ќе уживаат, така што дојдете, ќе направиме нешто добро заедно, ќе помогнеме на семејството Спасиќ и заедно ќе уживаме во самата претстава-истакна актерката Димовска.  

Во „Мојата ти“ играа  Кети Дончевска Илиќ, Александра Пешевска, Сања Русеска, Владанка Димковска и Марко Трајковиќ.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)