Прогласени првенци на генерацијата

Ученици од дваесет и три  основни  и  пет средни училишта од Куманово и Старо Нагоричане  се прогласени за првенци на генерацијата во оваа учебна година. Дипломите и наградите на учениците денеска им ги доделија претседателката на Советот на општината Атина Мургашанска и претседателката на здружението на просветни работници, Лидија Николовска Георгиевска. Традиционално , по повод претстојниот празник  24 мај – Денот на сесловенските просветители и Денот на просветните работници во Македонија се организира ваква манифестација од здружението и Општина Куманово преку Секторот за образование.

„На овој двоен празник не само што ќе се потсетиме на делото на просветителите, туку ќе ја искористиме можноста и да им оддадеме почит на учениците на генерацијата во двете општини Куманово и Старо Нагоричане, а со самото тоа да им дадеме поттик и понатаму да чекорат кон патот на знаењето“ , рече пред присутните претседателката на здружението на просвертни работници Лидија Николовска Георгиевска.

-Нашата мисија и нивната мисија воедно поттикна културолошко цивилизаторски  процес за пренесување на традицијата, потрага за својата самобитност, самоидентитет и самореализација, а темелот е создавање на првата словенска азбука глаголица и описменувањето, изјави Лидија Николовска Георгиевска, претседател на Здружение на просветни работиници  од Куманово

На манифестацијата се обрати и претседателката на советот, Атина Мургашанска која честитајќи им на наградените ученици потенцираше дека со такви шампиони во знаењето, нашата иднина е загарантирана.

„Само со несебично вложување на труд може да се достигне успехот “, порачуваат наградените ученици .

Манифестацијата беше збогатена со културно уметничка програма подготвена од ученици од кумановските училишта.

Коментари

коментар(и)