Продолжуваат проценките на оштетените куќи

Интензивно се врши проценка на штетите во населбата „Тоде Мендол“. Општинската комисија од утрово повторно е на терен. Од 66- те оштетени куќи во текот на вчерашниот ден се проценети 14 домови, а слична бројка надлежните очекуваат и за денеска.

-Во тие 66 домови имаме околу 121 до 128 семејства, со таа првична бројка располагаме. Овој список ќе биде по основ за првичната помош што треба да ја добијат граѓаните во тој дел на градот, што значи првична помош и од Владата што треба да биде 100.000 денари по семејство, а од општината веќе вчера е почнато да се дели помошта која се состоеше во храна и хигиенски средства, изјави Валентина Алексовска, Секретар на Општина Куманово

Помошта која ја дава општината не се однесува на граѓаните од целата населба „Тоде Мендол“ нагласуваат надлежните.

-Оваа помош се однесува на луѓето кои имаат претрпено штета и кои се во делот на радиусот околу 200 метри каде се одвивале воените судури. Мора да не разберат граѓаните дека ова не е социјална помош, туку ова е помош за лицата кои претрпеа штета во овој оружен судир, изјави Алексовска.

Од општината посочуваат дека досега немаат регистрирано злоупотреба на хуманитарната помош, но сепак има граѓани кои се јавуваат во контакт центарот и пријавуваат дека живеат во Тоде Мендол. Секако дека информацијата се проверува, за да може помошта да стигне во семејствата на кои им е неопходна. Инаку, се очекува дека Комисијата за една недела ќе изврши проценка на уништените куќи.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)