Продолжува наставата во училиштата

Учениците се враќаат на настава. Секретарот на општината Куманово денеска соопшти дека училиштата и градинките утре продолжуваат со работа. Ова било договорено утрово на седница на општинскиот штаб за заштита и спасување.

-Се донесоа определени заклучоци во однос на нормализирање на состојбата и се даде препорака да дадеме известување до Советот на општина Куманово дека веќе се направени услови за започнување со работа на самите основни и средни училишта, како и работата на градинките. Воедно сакам да Ве известам дека добивме согласност од министерството за образование за неработни денови 11 и 12 мај, изјави Валентина Алексовска, секретар на Општина Куманово

Иако секретарот на општината смета дека изгубените часови треба да се одработуваат, сепак  Алексовска засега нема конкретни информации од министерството за образование  дали ќе се бара надоместување на пропуштените часови.

По информацијата дека ќе се нормализира образовниот процес, граѓаните бараат поголема безбедност за своите деца и внуци додека се на училиште.

–  Детето ќе го пуштам на училиште, но треба да се постави обезбедување околу училиштата,  барем неколку дена додека стивне целата ситуција, изјави една кумановка.

– Доколку е донесена таква одлука од општината, секако дека децата треба да одат на училиште, вели друг граѓанин.

И додека се најавува враќање на учениците на настава, сите културни настани што требало да се одржат во центарот за култура  „Трајко Прокопиев“ до 20 мај се одложени.

За понатамошните програмски распореди јавноста ќе биде дополнително известена, информираат надлежните.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)