Продолжува реконструкцијата на улиците

Продолжуваат проектите за реконструкција и изградба на нови патни мрежи во градот, а паралелно со тоа и промена на постоечката фекална канализација во одредени делови од централното и приградско подрачје на Куманово.

Како што посочи градоначалникот Максим Димитриевски, новата локална самоуправа планира да продолжи да работи за подобрување на животните стандарди и решавање на основните комунални проблеми на граѓаните.

Во тек е реконструкција на улици, изградба на нови улици, менување на постоечка фекална канализација согласно проектот кој што е финансиран од страна на Европската унија и веќе тоа е евидентно во градот, сите тие работи се привршуваат, а таму каде се завршуваат ќе се отпочне со нови проекти. Разговараме некаде за комплетна реконструкција за 13-ина улици во нашата општина и тоа е веќе евидентно и во следниот период и во рамките на Деновите на градот „11 Ноември“ голем дел од проектите ќе бидат пуштени во свечена употреба, а најголемиот бенефит ќе го почувствуваат граѓаните на нашата општина и ја користам оваа прилика да се заблагодарам и на канцеларијата на Европската унија за оваа сериозна инвестиција која ќе стигне износ од 4 милиони евра во делот на подземната, а некаде и надземната инфраструктура во нашата општина, изјави Димитриевски.

Реконструкцијата на главната улица „100“ во населбата Карпош е во завршна фаза, а паралелно се поставуваат и нови тротоари. Нова асфалтна подлога добива и улицата „Тоде Думба“, а во меѓувреме градежни активности се одвиваат на потегот околу Старата црква. Претходно беше завршена и менување на фекалната канализација на потегот на влезот од градот.

Старата коцка од пред Гимназијата „Гоце Делчев“ замина во историја, а беше поставен нов асфалт. Голем број улици беа асфалтирани и во населбите Карпош и Перо Чичо.

Инфраструктурните проекти кои ги започна претходната власт предводена од Дамјановски, ќе продолжат и по промената на структурата во општината.

Коментари

коментар(и)