Проект за физички развој и социјализација на децата

„Ран адаптивен физички развој и социјализација“ за деца со развојни потешкотии од 4 до 7 години, е насловен проектот кој денеска беше промовиран, а од неодамна започнаа да го имплементираат регионалниот центар за лица со интелектуална попреченост Порака наша и основното училиште Кочо Рацин. Целта на проектот е да се придонесе за подобрување на способностите кај децата во одредени развојни области. Директорката на основото училиште „Кочо Рацин“, Лидија Пешевска истакна дека со него се опфатени 10-ина ученици, кои имаат можност три пати неделно да работат со дефектолог и наставник по физичко образование. Таа додаде дека за овој краток временски период постигнале навистина големи резултати.

-Сум била сведок на тоа како се интегрираат овие деца во наставата и тоа навистина за жал е тешко во моето одделение имав такви ученици и колку и да се обидува наставникот да го задржи вниманието на детето не успева тоа да го стори зашто покрај него има уште 30 деца кои чекаат и затоа што наставникот не е стручен, не е оспособен за работа со деца со инклузија и не може да се справи со тоа-нагласи таа.

Пешевска додаде дека во нивното училиште кое што има над 1300 ученици, има и 60-ина деца кои имаат потреба од дополнителна настава со дефектолог. Но и покрај нивното барање за вработување на вакво стручно лица, тие се уште немаат позитивен одговор од надлежните. Проектниот координатор и магистар по дефектологија, Марија Цакиќ нагласи дека се уште не можат да зборуваат за крајните резултати, но веќе се забележуваат големи придобивки.

-Наставничкиот кадар е задоволен исто така и родителите и децата. Од крајните резултати очекуваме  да се подобри развојот на детето а исто така и да креираме политики со што ќе лобираме до локалното и национално ниво да може да се имплементира стручниот кадар во инклузивните училишта. Целна група на овој проект се деца со развојни потешкотии, вклучени се 10 деца. Тие се поделени во две групи предшколска возраст и деца кои се инклузирани во основото училиште од прво и второ одделение-додаде таа.

Од Порака наша која изминатите 10 години служи како успешна социјална сервисна служба за лица со умерена и тешка интелектуална попреченост на возраст над 18 години, истакнаа дека поради оправдани или неоправдани причини, во изминатиот период најмалку активности им биле наменети за деца кои што се дел од образовниот систем.

-Со овој проект кој што го спроведува порака наша во соработка со училилштето, ќе покажеме дека со напорна работа, почитувајќи ги принципот на индивидуализација ќе постигнеме  резултати и ќе докажеме дека дефектолозите навистина се потребни во сите училишта каде што постојат деца со посебни образовни потреби-нагласи Фросина Симоновска магистер по дефектолошки науки.

Проектот кој е финансиран од Европската унија и регионалната мрежа ИРИС, е предвидено да се реализира во наредните шест месеци.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)