Промовирана стихобоенка во ООУ „Браќа Рибар“

На Светскиот ден на учителот – 05 Октомври, денеска во основното училиште „Браќа Рибар“ во село Табановце беше промовирана стихобоенката „ До небото вишно “ преведена на српски јазик. Авторката Славица Петровиќ –Тодоровска посочува дека стихобоенката е збирка на поезија и ликовна уметност наменета за сите деца од одделенска настава. Низ стиховите се проткаени мотивите за односот кон природата, кон луѓето, празниците, творештвото како основа за градење културни навики, за градење култура на живеење.

„Мотивот за пишување на оваа книга беа различните стилови на учење на децата“ вели авторката Петровиќ –Тодоровска.

– Aпстрактното тешко се усвојува затоа е убаво децата да имаат конкретно нешто на што ќе работат. На тој начин тие ќе може и да научат нешто затоа што онаа древна мудрост вели kажи ми и ќе заборавам, покажи ми- можеби ќе запомнам, вклучи ме и сигурно ќе научам. Тоа беше и целта на оваа книга, децата имаат можност и да прочитаат, да видат, сами да визуелизираат како би сакале да изгледаат тие стихови и на крајот да работат на цртежите односно да бидат вклучени во тој процес. Книгата излезе 2019-та година на македонски јазик со наслов „ До небото вишно“ , но мојата голема желба, всушност јас припаѓам на српскиот народ, јас сум дел од српската етничка заедница во Македонија, сакав да им го овозможам на децата учењето, не само учењето, туку и знаењето на мајчиниот јазик односно претставувањето на српската култура на мајчин јазик овде во Македонија. Тоа беше главниот мотив да биде преведена и на српски јазик, инаку јас се што творам, творам на македонски и го преведувам и на српски јазик, изјави Славица Петровиќ –Тодоровска, автор

Промоцијата на стихобоенката е дел од проектот „Образование на помали етнички заедници“ во кој што е вклучено училиштето „ Браќа Рибар“преку Фондацијата „Чекор по чекор“ поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија.

-За денешната промоција можам да кажам дека ми е чест и задоволство што промоцијата се случи токму во нашето училиште и токму на овој ден, на Светскиот ден на учителот, изјави изјави Синиша Саздовски, директор на ООУ „Браќа Рибар“  с.Табановце

Рецензентот Соња Деловска, професор по македонски јазик и книжевност за книгата напиша: „Иако ова поетско чедо е првенствено наменето за најмладата генерација, сепак преку стиховите, Тодорова упатува силна порака и до нас повозрасните, да го чуваме овој свет, да даруваме љубов, мир и спокој во секој дом, бидејќи секое дете тоа го заслужува“.

Изданието „ До небото вишно“ финансиски е поддржано од министерството за култура на РСМ.

„Браќа Рибар“ е едно од ретките централни училишта кое што доби дозвола од Комисијата за изведување настава со физичко присуство на учениците од прво до петто одделение.

– Сега за сега се снаоѓаме иако се уште се е ново и за учениците и за наставниците преку Националната платформа за учење на далечина и нормално е дека во овој период имаме одредени потешкотии, пред се од техничка природа затоа што сите ученици немаат технички средства со кои би можеле непречено да ја следат наставата, а што се однесува до училиштето ги презедовме сите мерки и активности, изјави Саздовски.

Директорот Саздовски е оптимист дека ќе се надминат техничките проблеми, а очекува успешна учебна година.

Во училиштето наставата се изведува на македонски, српски и на албански јазик за околу 250 ученици кои што учат во централното и четирите подрачни училишта на „Браќа Рибар“.

Коментари

коментар(и)