Промовирана стихозбирката „Година без лето“

„Година без лето“ е насловот на стихозбирката на Виолета Танчева Златева, која синоќа беше промовирана пред кумановската публика во градската библиотека „Тане Георгиевски“. За ова дело авторката ја доби овогодинешната награда Браќа Миладиновци, на Струшките вечери на поезијата. Делото кое излезе во печат во април годинава, обработува теми од секојдневието.

-Нема некоја конкретна тема за секој поет, тоа што го живее тоа го обработува во својата поезија, така е и со мене, почнувајќи од мојата секојдневна и професионална работа, и работа како домаќинка, мајка, она секојдневие кое го живееме, кое за жал изобилува и со многу негативни појави, сиромаштија и сето она што не тишти, затоа што не можеме  само да се задржиме на онаа некогашна романтичарска дефиниција за поезијата, или книжевноста како разубавена стварност. Денес поетите како посензитивни суштества или автори се тие што мора да одговорат на сегашноста таква каква што е-нагласи авторката.

Промоторот на делото, Братислав Ташковски истакна дека се работи за одлична поетска книга на Танчева-Златева, која е исклучително важна во современата македонска поезија. Додаде дека Година без лето претставува своевиден календар на времиња, во кој авторката преку своја лична призма ги опишува настаните.

-Тоа е во суштина една приказна која произлегува од самиот живот и кој авторката мајсоторски ги пренесува во своите стихови. Поделбата на некои емотивни целини постои, меѓутоа може да се каже дека станува збор за една издржана книга, со љубовни навиви но со навиви кои даваат и мисловна содржина една филозофска дименија на секојдневниот живот, кај сите оние проблеми кои се случуваат и кои заслужуваат да бидат испеани во песна-нагласи тој.

Виолета Танчева Златева  е раскажувач и поет. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, а од 2000 година е член на Друштвото на писатели на Македонија. Автор е на Книга за сонот, Враќање, Враќајќи се во Бориово, Шарени писма, Мојот Пикасо, Заработеници на молкот и Огнена.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)