Промовиран инфо- центар во Младо Нагоричане

Заврши реконструкцијата на поранешниот Задружен дом во селото Младо Нагоричане. Општината Старо Нагоричане денеска го промовираше објектот  кој е пренаменет во туристички информативен центар, а туристите ќе имаат можност на едно место да добијат информации за сите културно -историски знаменитости и природни убавини со кои располага општината. Поранешниот Задружен дом е реконструиран со средства од  ИПА програмата во рамки на заедничкиот проект на општините Старо Нагоричане и Рила од Бугарија, насловен „Изградба на мост на туризам, спој на заедничко наследство“.

– Тој е финансиран од Европската комисија, со цел во подобра туристичка понуда да биде претставена општина Старо Нагоричане со својата богата културно уметничка историја и со своите знаменитости кои ги имаме ние овде во регионот. Најважно е да се подигне локалната свест на населението во овој регион за развој на туризмот во општина Старо Нагоричане, исто така и во околните региони најдобро ќе се промовираме преку проектов за да привлечеме поголем број туристи во општината. Третиот повик со прекугранична соработка со Р.Бугарија ќе биде некаде во март месец , така што се надевам дека заедно со Општина Рила ќе се најдеме на некој проект, заеднички да аплицираме и да го добиеме преку средствата од ИПА програмата, изјави Жаклина Јовановска, градоначалник на Општина  Старо Нагоричане

Општината  Старо Нагоричане го реконструираше  објектот со 285.000 евра европски пари, а останатите средства предвидени со проектот , општина Рила ги искористила за обнова и реставрација на црквата од 12 век посветена на Архангел Михаил.

-Ние веќе го завршивме проектот, ја обновивме цркавата Свети Архангел Михаил во рамките на Рилскиот манастир. Искрено се надевам дека соработката ќе продолжи бидејќи ова што го постигнавме како партнери не беше лесно, особено за градоначалничката Јовановска, која со својата екипа вложи многу труд бидејќи знам во каква состојба беше поранешниот Задружен дом. Мислам дека воој проект е добра основа за идно партнерство, изјави Вера Илкова, проектен менаџер , Општина Рила

-Ова е само почеток. По она што го гледам има иницијатива, идеја и план да се развие во една побогата стратегија која ќе го продолжи овој терк и ќе направи она што е главното , а тоа е поголема популизација на оваа општина и главното да иги задржиме луѓето во оваа општина и привлекување на внимание од соседните општини, па и региони, изјави Далибор Тасевски, проектен менаџер

Како што информираше проектниот менаџер Тасевски, во идниот период центарот дополнително ќе се доопреми со цел да се постигне поголема транспарентност во однос на презентација на убавините на општина Старо Нагоричане пред домашните и странски туристи.

Инфо-центарот се наоѓа на десетина километри од градот, а до него води магистралниот пат Куманово – Крива Паланка.

Коментари

коментар(и)