Промовиран метод на безболно породување во болницата

Aмериканскиот анестезиолог Иван Величковиќ деновиве го промовираше методот на безболно породување кај пациентките на Одделот за акушерство во кумановската Општа болница.  Новиот метод е применет кај неколку пациентки, а како што објаснува Величковиќ, кој што е директор на клиника во Бруклин при оддел за акушерска анестезија, направени се две различни методи за обезболување на жените пред породување со анестезија.

-Потребни се само пет минути за една мала игла да се стави во грбот на пациентката и да добие анестетик и потоа во текот на две-три минути сите болови да престанат. Жените се пораѓаат на истиот начин како и кога не им е даден анестетик, единствена разлика е што на овој начин не чувствуваат болка”,- вели докторот Иван Величковиќ, кој е директор на “SUNY Downstage Medical Center” во Бруклин, при  одделот за акушерска анестезија.

За да се спроведува оваа метода во болницата потребно е само да се обезбедат квалитетни игли од квалитетен производител и да се продолжи со методот на безболно породување, вели директорката на болницата, Снежана Захариева.

-Најбитно е здравјето и задоволството на нашите пациентки на овој оддел каде се доаѓа за убаво, за рожба, за најубавиот чин во животот на една жена. Така што, ќе се потрудиме да имаме се’ што ни е потребно, а во моментот имаме се’ што ни е потребно за да отпочнеме со оваа метода , изјави Снежана Захариева, директор на Општа болница Куманово

Кога станува збор за ризикот при примената на новата метода, која веќе се работи во Америка, а од неодамна ваков начин на породување се применува и на некои клиники во Скопје, Величковиќ посочува дека  сите процедури кои се изведуваат во медицината врз пациентите вклучуваат одреден степен на ризик, но сепак, тврди лекарот, пациентот со анестезија е побезбеден од пациентот без анестезија.

-Анестезиите вклучуваат одреден степен на ризик, почнувајќи од интравенозна терапија, па се’ до неврохируршки зафати. Анестезијата има одреден степен на ризик, но вкупната корист за пациентот е толку голема, што вкупниот ризик за пациентот е помал отколку да е пациентот без анестезија. Пациентот со анестезија е побезбеден од пациентот без анестезија, изјави Величковиќ.

Дека навистина станува збор за безболно породување потврдуваат и пациентките кои што неделава по втор пат станале мајки правејќи споредба со првото породување .

Овој метод се реализира во рамки на Проектот за соработка помеѓу американски и македонски доктори, а освен во Куманово, други двајца лекари го промовираат безболното породување во болниците во Штип и Битола.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)