Промовиран проектот за алтернативните услуги за згрижување на деца

„Ајде да играме, растеме и учиме“ е настанот којшто се реализираше денеска во детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово, во рамки на проектот на ЕУ насловен „Унапредување на алтернативните услуги за згрижување на деца“, а се спроведува во соработка со Министерството за труд и социјална поликата. Целта на проектот е подобрување на вработливоста и зголемување на учеството на родителите со мали деца на пазарот на труд, преку унапредување на алтернативните услуги за згрижување деца, како лиценцирано домашно згрижување на деца и згрижување во рамки на компаниите.  Координаторите истакнаа дека интересот за овој проект е голем, а во досегашните истражувања биле опфатени 2400 родители, 200 згрижувачи, 75 локални самоуправи и 104 компании.

-Согласно законот ние имаме 40-ина пријавени кандидати 14 од нив се стекнаа со лиценца и веднаш може да започнат со домашно згрижување на деца, тоа значи сите услови како што ги нуди градинката во однос на хигиенски услови, лиценцирани негователки со тренинзи обезбедени од наша страна но исто така ќе бидат згрижувани во домашна атмосфера, тоа значи дека ќе се намали листата на чекање во градинките и родителите ќе имаат можност да  згрижат деца во домот на згрижувачите но до 5 максимум. Ќе се намали бројот на деца во една група. Кај компаниите придобивката е таа што родителите ќе го спасат она време што го губат од носење на децата во градинка и земање. Исто така за паузите ќе можат да го погледнат своето дете, болувањата ќе бидат намалени на минимум и сите други работи кои биле проблем во однос на децата, предизвикувале потешкотии-посочи Кристина Тозија, проектен асистент.

Физичките лица кои сакаат да отворат домашно згрижување на деца, првин треба да поминат одредени обуки и доколку ги исполнуваат критериумите ќе добијат финансиски средства за опремување на домот. Предвидено е и компаниите кои имаат над 50 вработени да ги уживаат истите бенефити.

-Во овој проект се даваат можности и се објаснува кои се придобивките од лиценцирање на домашно згрижување на деца, така што од него, еден од многуте чекори е и денешниот настан кадешто нашите деца заеднички се дружат, играат  и секое од децата добива по еден ранец во кој има прибор за ликовно творење, цртање-нагласи Марина Алексовска, директор на детската градинка Ангел Шајче.

Проектот „Унапредување на алтернативните услуги за згрижување на деца“ започна да се имплементира во февраури 2015 година а ќе се спроведува 24 месеци.

Коментари

коментар(и)