Промовиран филм за убавините на Бислимска клисура

„Дојдете, видете, уживајте и зборувајте за убавините на Бислимска клисура“ е насловот на документарниот филм кој има за цел да ги претстави убавините и потенцијалите за развој на алтернативен туризам. Блислимската клисура која се протега на површина од седум километри, е лоцирана по течението на Пчиња, а карактеристични за неа се неколкуте пештери, ендемски видови на растителен и животински свет. Според организаторите излетнички, селски, ловен и риболивен туризам, спортско качување и алпинизам, зип линии, параглајдин, кајакарство и банџи, се само дел од потенцијалите на Бислимската клисура.

-Инаку овој регион како што видовме и од самиот видео материјал кој што е високо професионално изработен е крај кој што е релативно непознат во Македонија, можеби не во Куманово но на сите оние кои што доаѓаат од другите краишта ќе биде извонредна можност на еден ваков начин да се промовира понатамошен развој на овој тип на туризам и за потенцијалните инвеститори  кои што можат да најдат интерес во развивањето на оваа Бислимска клисура- изјави Петар Георгиевски претседател на мрежата за рурален развој.

Од организацијата Гласот на селото сметаат дека ова место претставува можност за економски развој на мали и средни бизниси, кои можат дополнително да го зголемат приходот на мештаните кои што живеат во овие краишта.

-Се работи за еден потенцијал кој во студијата која што беше направена од страна на Центарот за североисточен плански регион се даваат одредени параметри дека претставува место кое ќе придонесе за економски развој во руралните средини. Како на пример да се подготви детален урбанистички план, да се поттикнат граѓаните да се вмрежат и на некој начин да си ги подобрат своите капацитети што ги имаат во сместувачки капацитети, да се отворат ресторани и друг тип на угостителски објекти кои ќе бидат можност за привлекување на домашни и странски туристи-наведе Елизабета Цветковска член на Гласот на Селото.

Инаку на дел од клисурата од неодамна се поставени информативно-туристички мапи, пешачка патека, видиковец, летниковец и ограда.

Филмот, исто како и информативната брошура се изработени на иницијатива на Здружението на граѓани на Локална Акциона група за рурален развој Гласот на Селото и Центарот за рурален развој Бујрум, подржани од УСАИД за Адаптација на земјоделството кон климатските промени, спроведен од Мрежата за рурален развој на Република Македонија.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)