Пропаѓа некогашниот дом на АРМ

Скршени врата и прозорци, откорнати радијатори  и кабли од ѕидовите, уништен инвентар и мебел во поранешните работни простории , расфрлан книжен  фонд од интерната библиотека е сликата што ќе ве пресретне доколку одлучите да влезете во некогашниот репрезент на градот, Домот на АРМ.  Само голи ѕидови и цигла останаа од овој огромен објект кој веќе  подолго време е руина и собирно место на бездомници, корисници на дрога, пиромани, собирачи на старо железо и пластика. Распаѓањето на домот од несовесните граѓани започнало одамна, а последнава година кулминирало.  Свесното уништување отишло до таму што неколкупати бил подметнуван  и пожар поради што интервенирала и територијалната противпожарна единица.

-Досега три пати имавме интервенции во самиот објект. Искрено се надевам дека ќе престанат тие незнам како да ги наречам луѓе кои свесно го палат објектот и се обидуваат да нанесат што поголема материјална штета. Благодарение на тоа што е во непосредна близина на противпожарниот дом релативно брзо успеваме да го локализираме и да го санираме пожарот, што не значи дека така ќе биде и во иднина, изјави Деан илиевски, командир на ТППЕ- Куманово

Откако министерството за одбрана предаде дел од сопствениот имот на Владата на РМ, Домот на Армијата  беше доделен на министерството за земјоделство и на Архивот на РМ. Веднаш по преземањето,  од двете институции најавија дека набрзо ќе се преселат во просториите, но до ден денес  тоа не е сторено. Пред неколку месеци и од локалната власт апелираа до надлежните  државни органи да се погрижат за напуштените објекти.

-Имаме информации дека од министерстевото за земојделство се донесени некои бироа и канцелариски инвентар, шкафови, но од тоа нема ништо, се е скршено и однесено, украдено. Незнам до кого може да се апелира да се санира објектот, да се даде на користење на некој и да му се врати барем колку-толку оној сјај што го имаше порано, рече Илиевски.

На скалите и во паркот на поранешниот дом на ЈНА израснаа многу деца, безброј млади бараа место повеќе во летната бавча, а и спортското игралиште постојано беше полно со луѓе, се сеќаваат кумановци. Во  кино салата биле прикажувани најновите филмови од тоа време, а во домот кој блескал од уредност и чистотија се влегувало само со пропусница.

-Јас израснав во овој дом. Сега за вас можеби ќе звучи малку југоносталгично ама за нас тоа беше дом на ЈНА. Јас само што не сум роден во домот, во маалото израснав, на скалите позади, на игралиштето. На времето тука имаше и ресторан, летна бавча, младоста тука ми помина. Многу деца израснаа тука, 30 проценти од народот во Куманово израснаа во овој двор, изјави Мирослав Божиновски

Интересен податок е што токму во домот на АРМ, легендарната балканска ѕвезда Здравко Чолиќ го одржал својот прв концерт пред  тогашната војска.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)