Прославен денот на пожарникарите

Педесетина пожарникари со осум возила секојдневно се справуваат со пламените јазици на територијата на Општина Куманово. Од почетокот на годината интервенирале на 184 пожари, но зголемена работа им претстои во наредниот период кога ќе се покачат температурите. Денеска традиционално го прославија 20-ти мај, денот на пожарникарите, кога во 1836 година е формирана првата противпожарна служба во Македонија. Оваа година, поради состојбата во градот, прославата беше скромна и без традиционалното покажување на противпожарната опрема и вежбите.

– Оваа година со оглед на состојбата во нашиот град, одлучивме како што обично работиме, туку само скромно со еден мал коктел, да го одбележиме нашиот празник и да ги повикаме луѓето со кои соработуваме и кои ни се блиски, изјави Дејан Илиески, командир на ТППЕ Куманово.

Митко Колевски е еден од пожарникарите со најдолг стаж во Кумановската територијална единица, кој веќе 30 години го ризикува својот живот за справување со огнената стихија и спасување на граѓаните. Тој вели, дека ниту една професија работена со љубов, не претставува потешкотија.

-Триесетина години редовно работам, од 1985 година сум тука. Сами се одлучивме за оваа професија и тоа што сакаш да го работиш, никогаш не може да биде тешко, вели Митко Колевски, пожарникар.

Од друга страна, Стефан Крстевски, еден од најмладите пожарникари, тврди дека и покрај опасноста при работа на терен, пожарникарите ја сакаат својата професија. Тој додава дека секогаш треба да се учи од постарите и поискусни колеги.

-Во оваа професија секогаш постои опасност. Не се знае на каков пожар ќе наидеме, ние претходно имаме обука, при тоа што бевме и како сезонски работници од 2011 и работата секогаш носи ризик, изјави Стефан Крстевски, пожарникар.

Пожарникарите кои интервенирале на терен во населбата Тоде Мендол, за време на вооружените престрелки, успејале да спасат 20-ина жители. Тие сметаат дека заслужуваат поголемо внимание од страна на јавноста за својот несебичен придонес за време на кризните моменти во Куманово.

– Бевме под големо полициско обезбедување, се пукаше на сите страни, а ,за жал, не бевме споменати никаде, раскажува Даниел Илиевски, пожарникар.

– Работата е таа што сите ја знаат, ние сме хумани, на враќање спасивме околу 20ина жени и деца и ги пренесовме тука во ППЕ, вели Бојан Цветковски, пожарникар.

Во меѓувреме, командирот Илиески, вели дека условите за работата во територијалната единица се подобрени со тоа што годинава се реновирани санитарните јазли, кујната и просториите за одмор на пожарникарите.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)