Протестираат жителите на Режановце

Жителите на селото Режановце утрово ја запреа работата на градежната фирма, подизведувач која работи на изградба на пругата од Коридор 8, која поминува низ селото. Неколку часа протестираа мештаните на влезот на селото чекајќи да дојдат надлежните да ги сослушаат нивните барања. Според нив, откако почнала да се гради пругата тешката градежна механизација го уништила асфалтот,  пропаднал малиот мост на влезот на селото  поради што сообраќајот се одвива само по едната лента што претставува опасност и за децата, но и за повозрасните и возилата.

-Сега најново е што и мостот на влезот на селото е пробиен, патот е насочен само на една страна, во близина има кривина ништо не се гледа  поради што може да дојде до немили настани, а тоа е се од фирмата што работи тука, ова се е направено со придонеси на граѓаните, изјави Томислав Илиевски, жител на с.Режановце

– Во почетокот со изградба на пругата ветија дека ќе се заврши ќе се реновира , требаше шахти да се направат, но нема ништо провалија ќе отидеме со возило во провалија,  но никој ништо не презема. Бараме  што направија штета да си ја санираат, сакаме се да се врати во првобитната состојба, изјави Зоран Златановски ,жител на село Режановце

Жителите на Режановце велат дека за нивното село никој не се грижи, ниту централната ниту пак локалната власт. Се што има во селото, патот, училиштето, ветеринарната станица, се изградиле со сопствени придонеси.

– Единствено село каде се прави пругата од коридор 8 е селото режановце бидејќи поминува низ селото и куќите распукаа и фасадите, никој од владата од министерството за транспорт и врски , за животна средина да дојдат да видат дека се загадува, цело лето голтаме прашина, не сакаат да преговараат. Треба да се реши еднаш засекогаш нека си одат по патека по државно земјиште, нека си одат по својот пат,  Зоран Крстевски, претседател на М.З. Режановце

Доколку до вечер надлежните не се сретнат со мештаните , протестот ќе продолжи и утре.

На обвинувањата на жителите на селото Режановце реагираат од  Македонски Железници. Ниту асфалтот на патот, ниту пак  мостот се уништени и раскопани од градежната механизација на фирмата подизведувач која работи на изградбата на пругата на Коридор 8. Се работи по строго утврден план и програма, велат од Македонски Железници.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)