Против „солидарноста“!

Филип Клетников

Смртта е претворена во статистика, извештај, уште една валута со која тргуваат носителите на јавно-политичката, но и на економската моќ (банкарскиот и приватниот фармацевтски сектор): за првите смртта е лоша за имиџот, за вторите шанса за (астрономска) заработка.

„Да се живее не е ништо ново, но и да се умре исто така“ – ова се последните зборови на славниот руски поет Сергеј Есенин. Меѓутоа, ако ја набљудуваме карантинско-маскенбалската криза која се појави во јавноста ширум светот (која, како и сѐ друго што произлегува од „белиот свет“, кај нас се прелеа некритички и по принципот на инерција), неминовно се добива впечатокот дека смртта е нешто ново, а нејзиното име (или презиме) е КОВИД-19.

Новиот енигматичен вирус одеднаш стана “top celebrity”, ударна вест; известувањата за бројот на смртни и новозаразени случаи потсетуваат на известувања од боиште, а демагошката (воспитување, дисциплинирање и опомена на народот) функција на медиумите се сосредоточи на (не)популарните мерки на карантин и носење маски. При тоа, како што е случајот кај секоја демагогија, нејзините критичари и „непослушници“ не само што беа психосоцијално стигматизирани преку притисокот и кампањата на јавното мислење, туку се најдоа и под легислаторска опресија (преку законот за носење на маски на отворено). При тоа, централниот концепт со кој се служат поборниците на апсолутизмот на маските (носење маски насекаде) и на карантинот/изолацијата е „солидарност“.

Се наметнуваат следните меѓусебно поврзани прашања: што воопшто е тоа солидарност, кои се предусловите и мотивите да (не) бидеме солидарни, т.е. зошто (не) сме солидарни?

Смртта и човекот

Пред да се прејде на горепоставените прашања, неопходно е да се каже нешто повеќе за доживувањето на смртта. Смртта е истовремено едно од најтравматичните, но и најмоќните, најсподвижнички човекови искуства. Тоа е интимно и понорно егзистенцијално искуство кое го дефинира животот на крајно поларизиран начин: од една страна, нѐ прави свесни за неговата неповторливост, скапоценост и за нашата лична возвишена човечност (зашто со смртта човекот е поавтентичен и повозвишен од претпоставените „богови“/„бог“ кои се идеално вечни, но како како такви наедно неспособни да ја искусат неповторливоста и единственоста на мигот и страста, својствени само на минливите луѓе). Од друга страна, смртта, со нејзината неумолива неодминливост, но и бруталноста со која знае да го опсади животот, прави поединецот да го чувствува/смета животот за бесмислен и безвреден, а сето постоење со кое е опкружен за апсурдно, збунувачко и непријателско (егзистенцијализам, нихилизам).

При тоа, како што луцидно забележал и Зигмунд Фројд, искусувањето на смртта е различно од вообичаеното разбирање на искуството, кое е секогаш лично искуство, во смисла на тоа дека сѐ што искусуваме, го искусуваме на своја кожа. Смртта, меѓутоа, не можеме да ја искусиме на себе, бидејќи таа значи крај на искуството: таа е секогаш нечија туѓа смрт.

Она што, меѓутоа, во нашиот контекст е поважно, е интимноста на искуството на смртта, која води или до позитивно општење со другиот, засновано на сочувство или до негативно отсекување од него, кое кулминира со бесчувствителност.

Извор: hbr.org

Смртта, јавноста и политиката

Повеќето од горекажаното можеби се чини премногу очигледно, бидејќи е рефлексија со која сите ние располагаме врз основа на нашата човечност. Сепак, неопходно е како потсетување во едно време кога смртта од личен станува сѐ повеќе јавно-политички феномен. Смртта е претворена во статистика, извештај, уште една валута со која тргуваат носителите на јавно-политичката, но и на економската моќ (банкарскиот и приватниот фармацевтски сектор): за првите смртта е лоша за имиџот, за вторите шанса за (астрономска) заработка.

Оние, пак, кои умираат (и притоа не се дел од политичко-економскиот естаблишмент) или се принудени да ја прифатат својата улога на неволеви, теледиригирани учесници и набљудувачи во (не)реално шоу врз кое немаат речиси никаква контрола, или негаторски/апатично се отсекуваат од едно збиднување кое го преплавува нивниот капацитет за реакција и разбирање. Првиве центрипетално се вклучуваат во оркестрираната медиумска стигматизација на скептиците и непослушниците, вториве или ја негираат новата, апсурдно-неповолна стварност („нема вирус“) или преземаат хибридна улога на набљудувачи-негатори („вирусот е заговор за остварување на тие и тие цели“).

Солидарност?

Тука доаѓаме до прашањето: колку повиците за солидарност имаат смисла во една општествена стварност во која реалноста на смртта и нејзината лично-човечка димензија се сведени на одбрана на имиџот на политичарите и легитимитетот на политичко-економскиот систем? Колку повиците за солидарност имаат смисла во еден политичко-економски систем кој е сѐ, само не солидарен?

Зборот „солидарност“ потекнува од латинското solidus што значи „цел, потполн“, односно in solido – „во целина“. Така, солидарноста – за разлика од сочувството, е политичко-општествена, а не лична категорија. Нејзиното постоење и логичност зависат од тоа колку политичко-општествениот систем функционира како целина. Функционирањето како целина, пак, подразбира сразмерно оптоварување на деловите, сообразно на нивната конституција, издржливост и место во рамките на целината. Доколку оптоварувањето е несразмерно при даден притисок, деловите природно ќе ја отфрлат целината по пат на експлозија или имплозија; овие правила се универзални – важат за сите системи засновани на релацијата целина-делови, без оглед дали се архитектонски, органски, општествени итн…

Меѓутоа, во неолибералната „демократија“, товарот на солидарноста наместо кон моќниот финансиско-корпоративен монолит е насочен кон социјално најранливот дел од општествената пирамида: обичниот човек. Погоденоста на нископлатените и несигурните работни места од карантинот и изолацијата, а не некаква неразумност и „простаклак на рајата“ се главната причина која поттикна отпор кон овие „мерки на солидарност“ во Европа и САД.

Кај нас, пак, пораките „носам маска“, „се грижам за себе и другите“ итн. наликуваат на лицемерна и потсмешлива фарса и орвеловска пропаганда кога се емитувани од медиумско-корпоративни гиганти како „T-Mobile“ и „А1-On“ кои најпрвин ви го атакуваат оној малку преостанат, изолиран мир во домот, опоменувајќи ве на сите можни начини (телефон, телевизор) за незначително доцнење со плаќањето на сметката со закана за драконски камати! Атаката врз „младите“, како преносители на вирусот заради нивната неодговорност (!?) спрема постарите (на која жално се приклучуваат и некои медицински експерти) е само по себе несовесен, неразбран и антисоцијален чин спрема една цела генерација: да им беше навистина грижа на властите и (ним лојалните!) експерти и медиуми за старата популација, првите немаше да ја остават без вакцини за грип тогаш кога ѝ се најпотребни, а вторите гласно да молчат за тоа или да леат крокодилски солзи, криејќи ја неспособноста и несовесноста на властите со приказната „лудо-младо“!

Изместена перспектива!

Со јавната хистерија сврзана со корона-мерките и нивното (не)почитување се заборавија најмалку две битни работи: прво, макар што смртта е (се уште!) транссоцијална („Totentanz!“) – умирањето не е. Тоа е дел од животот и е социјално и економски обележано; неговиот квалитет зависи од социоекономскиот сталеж кому му припаѓа оној што умира.

Второ, луѓето умираат и од други (неретко пострашни) работи, не само од КОВИД-19. Да се товари, експлицитно или имплицитно, вината за смртта на социјално најранливите, обичните граѓани („на трудот црн народ!“ – Рацин) и младите, а притоа да се амнестира/нивелира вината на индустријата, неконтролираната градежна експанзија (загадување, екоцид) и капиталот (економска експлоатација и беда) не е с(о)весност, туку одвратно-лицемерна фарса. Овие два чинитела упатуваат на прашањето кое е клучно за разбирање на психологијата на солидарноста: дали социоекеномски (пот)просечниот поединец може достоинствено да живее – и да умре?

Адам Смит, основоположникот на идејата за слободниот пазар кој се смета за основа на „слободната“, капиталистичка економија, немал никави дилеми кога ја поставил психичката основа на економијата како феномен воден од фундаменталните сили на личниот интерес; истото важи и за општеството воопшто. Дали на обичниот човек, соочен исклучиво со негативно-репресивна мотивација (притисокот на јавното мислење, стигмата на вината, легални санкции) му е во интерес да се солидаризира со еден политичко-економски систем кој го експлоатира и маргинализира во нормални и абнормални (финансиската криза од 2008, тековната ковид-криза) околности?

Дали „целината“ му нуди на поединецот реални позитивни мотиви за солидарност, соодветни на неговите потреби и место во општеството? Ако не, тогаш „јавната совест“ нема апсолутно никакво морално право да го обвинува и суди за неговите постапки!

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)