Прочистени шахтите и сливните решетки

Иако поретко, но сепак при поголеми врнежи од дожд се случува да се излеат шахтите од фекална канализација и отпадните води да течат низ улиците во Куманово. Главната причина за ваквата ситуација  е неодговорното однесување на граѓаните, посочуваат надлежните. Сопствениците на куќите или станбените објекти наместо одводите од кровните конструкции да ги приклучуваат во атмосферската канализација или да ги спроведат низ дворовите, тие за оваа намена ја користат фекалната канализација, велат одговорните  од јавното претпријатие „Водовод“.

– Кога ќе наиде поголемо количество на вода доаѓаме до ситуација на излевање на шахти од фекална канализација што секако дека е доста непријатна случка и затоа ја користам оваа прилика еден апел до граѓаните да не ги приклучуват своите одводи од кровните конструкции во фекална канализациона мрежа туку тоа да биде вклучено во атмосферска канализација или пак во своите дворови. Оваа материја е строго регулирана со закон за води и закон за снабдување со вода и одведување на урбани отпадни води каде што јасно стои дека граѓаните односно сопствениците на индивидуалните куќи исто така и на колективните не смеат да ги приклучуваат одводите од кровните конструкции во мрежа за фекална канализација меѓутоа тоа за жал не се почитува, изјави Драган Јаневиќ, помошник директор на Ј.П. „Водовод“

Надлежните апелираат до комуналната инспекција превентивно да делува кај граѓаните за да можат да пристапат онака како што е предвидено со Законот за снабдување со води.

-Мислам дека нашите инспекциски служби се доста толерантни по ова прашање кон нашите граѓани меѓутоа гледаме дека почесто во последно време имаме големи налети на ненадејни дождови при што нашите сообраќајници се претвораат буквално во мали реки и мислам дека на овој план треба малку посериозно да се делува и овој проблем полека да почне да се решава, изјави Јаневиќ.

За да се елиминира проблемот со излевање на шахтите, една од редовните работни обврски на јавното претпријатие „Водовод “ е одржување на водоводната и канализационата мрежа. Минатата недела екипи од ова комунално претпријатие спроведоа поголема акција за чистење на шахтите  и сливните решетки на главните сообраќајници во градот. Според одговорните, овие активности  се извршуваат во деновите кога има помал број на дефекти на водоводната мрежа, а надлежните интервенираат и по пријава од граѓаните за затната канализација без разлика дали станува збор за атмосферска или фекална.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)