Психолошка помош за жителите од „Тоде Мендол“

Во просториите на општинскиот Црвен крст е отворено советувалиште, наменето за жителите на населбата Тоде Мендол, кои претрпеа стресови при неодамнешната вооружена акција. Децата до 15 години, но и  семејства ќе имаат можност два пати неделно да добијат психолошка помош од стручни лица. Со овие лица ќе работат психолози од Гешталт институтот од Скопје.

-Ќе работиме два пати неделно, преку месната заедница ќе можат или директно кај нас да се пријават во вторник од 17 до 19 и во петок од 14 до 16 часот. Некои два месеци ќе имаме можност да помогнеме на оние на кои навистина им е потребно тоа-изјави Иле Митковски, секретар во општинскиот Црвен крст.

Психологот, Јана Величковска истакна дека децата се најранлива категорија и затоа воените дејствија тие ги доживуваат најтрагично. Според неа од ваквите ситуации многу често излегуваат стравови, трауми и фобии, кои подоцна може да се рефлектираат врз нивното понатамошно живеење.

-Овде сум за да заедно со Црвениот крст на Куманово го промовираме советувалиштето кое што ќе работи до крајот на летото. Ние ќе бидеме тука за сите нивни проблеми, и за се она што ќе им биде потребно од нас како психолошка помош и поддршка. Kако возрасни имаме повеќе механизми со кои што се соочуваме и справуваме со сите овие ситуации меѓутоа децата се категорија која што најтешко може да се справи со целава ваква ситуација на адекватен начин, затоа на нив им е најмногу потребна психолошка помош и поддршка-нагласи таа.

Психолозите потенцираа дека во овој момент најголемо внимание треба да се обрне токму на децата, за да се спречат понатамошни психолошки проблеми кај нив.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)