Пчеларите засадија медоносни садници на кејот

Членовите на здружението „Пчела“, вработени во јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ и градоначалникот Максим Димитриевски денеска засадија педесетина медоносни садници на градскиот Кеј. „Првата јавна активност на пчеларите е во рамките на проектот „ Здрава животна средина за сегашните и за идните генерации“ кој што се реализира во соработка со Општина Куманово, средното стручно општинско училиште „Киро Бурназ“ и  „Чистота и зеленило“, информира Мирољуб Голубовски, член на Претседателството на пчеларското здружение. Според него, целта е да се подигне јавната свест за важноста на пчелата особено во опрашувањето односно  да се подигне свеста за подобрување на животната средина, квалитетот на живеењето и да се заштити медоносната пчела.

-Сведоци сме во изминатите децении дека населените места, градовите, селата енормно се шират буквално се бара повеќе место за градење, исто така земјоделскиот сектор застапеност на огромни површини под монокултури и многу други причини, сето тоа придонесува за нарушување на здравата животна средина, тоа е од една страна. Од друга страна во изминатите десетина па и 15 години во науката од областа на пчеларството евидентна е смртноста на пчелните семејства не само во Македонија, туку во светски рамки кое што во одредени години се движи околу 30 проценти. Знаеме дека медоносната пчела е главен опрашувач на растенијата, дава и квантитет на плодови меѓутоа дава и квалитет на плодовите. Денеска формираме пчелен парк во централното градско подрачје, конкретно на кејот, благодарност до општината и претпријатието за просторот кој што ни го обезбедија. Тука ќе бидат засадени урбани школовани растенија, грмушки и листопадни растенија кои што се медоносни, да направиме едно катче кое што ќе биде пријател на пчелите бидејќи такви се растенијата. Ќе бидат засадени во блокови и она што е интересно е што во текот на целата година ќе имаме различна фаза на цветање, од пролет до ноември месец растенијата ќе цветаат сукцесивно во групи, изјави Мирољуб Голубовски, Здружение на пчелари  „Пчела“ – Куманово

Во втората етапа од реализацијата на проектот, на пролет  ќе бидат поставени паноа во форма на саќе со постери од едукативен карактер за климатските промени, за медоносните растенија, за пчелите, за одгледувањето на пчелите, за автохтоната медоносна пчела, посочува Голубовски.

-На влезот од паркот ќе биде поставена и информативна табла на која што ќе бидат наведени на кратко карактеристиките за одредените растенија кои што ќе бидат засадени. Понатаму, предвидено е да бидат насадени зелјести ароматични и лековити растенија, тоа е оставено за пролет,  такви исти растенија ќе бидат засадени и во средното училиште „Киро Бурназ“, а за колегите пчелари,  членови на здружението предвидено е да се подели одредена количина на медосносни растенија на семиња кои што можат да ги засадат на своите пчеларници, изјави Голубовски.

Градоначалникот Димитриевски ја поздравува иницијативата на пчеларското здружение со апел до останатите здружение на граѓани, невладини организации да се вклучат во проекти за зачувување на животната средина.

-Даваме придонес не само за подобрување на условите во кои што живееме,  туку опфатени се повеќе аспекти. Бидејќи се садат медоносни садници, бенефит ќе имаат и самите пчелари, но секако првенствено повеќе од аспект на едукација на граѓаните што тоа значи пчелата во нашето секојдневно живеење, бидејќи ние граѓаните многу малку знаеме што всушност е пчелата и каква функција има и она што е најбитно, вклучени се голем број на активисти, организации, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

Соработката на општината со здружението „Пчела“ е на високо ниво, а тоа се потврдува и со фактот што секоја година од општинскиот буџет се издвојуваат средства за поддршка на нивните проекти, особено Саемот на медот, кој што годинава заради ковид условите не се одржа, но предвидените средства за саемот ќе се реинвестираат во други активности, дообјасни Димитриевски.

-Општина Куманово оваа година распиша постапка која што во моментов е во тек за набавка на високо квалитетни садници кои што ќе бидат засадени на територијата на нашата општина се со цел зачувување и негување на животната средина и намалување на загадувањето бидејќи зеленилото е природниот филтер, а апел до граѓаните што помалку да загадуваме во овој период бидејќи факт е дека загадувањето и причината за агадувањето во Куманово е од материјалот и огревните материјали кои што сите ние ги користиме во зимскиот период за затоплување. Да користиме квалитетно дрво, по можност да инсталираме печки на пелени и таму каде што нашето ЈП  „Куманово гас “ има можност да инсталира дотур на природен гас да го користиме истиот за затоплување бидејќи добиваме дополнителни заштеди во секое семејство и буџетот во семејството. Куманово е град кој што ја има таа среќа да има свое јавно претпријатие за дистрибуција на гас, ние во фази ја шириме гасоводната мрежа, имавме поголем број на приклучоци и на индивидуални и на станбени објекти, даваме субвенција, ги субвенционираме семејствата кои што се приклучуваат така што ја користам приликата на овој заеднички проект и да се заблагодарам и да апелираме на граѓаните да го искористат овој период и да садат нови садници, изјави Димитреивски.

Проектот „ Здрава животна средина за сегашните и за идните генерации започна да се имплементира од септември годинава, а ќе трае до јуни следната година, информира Голубовски.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)