Различни етнички заедници го одбележаа Бадник

Средното економско училиште Перо Наков денеска беше домаќин на прославата Празниците зближуваат, по повод христијанскиот празник Бадник. На истата присуствуваа ученици од различни етнички заедници, претставници на Македонската православна црква, општината, основни и средни училишта, полициски службеници, пратеници и слично. Пред присутните се обрати претставникот на кумановско-осоговската епархија, отец Игор Здравковски кој зборуваше за значењето на Бадник, но и за целта на ваквите прослави.

-Ова е еден проект кој е многу важен за нашиот град кој е мултиетнички, со различни верски убедувања, а од друга страна сите сме луѓе кои си го бараат своето место под ова небо. Доколку се соочиме со човек кој различно размислува од нас, различно верува, сепак треба да бидеме во мир со него, да го сака, брани своето, но кога ќе се соочиме со различности не смееме да отвораме војни. Не смее да се зема религијата како причина за војни-посочи тој.

Манифестацијата е во рамки на проектот „Безбедни училишта“ кој го спроведува отсекот за превенција при СВР Куманово.  Директорката на Перо Наков, Лидија Тасевска на присутните им посака здравје, среќа и успех.

-Имаме огромна чест да бидеме домаќини на прославата на Бадник како предвесник на големиот христијански празник Божиќ, Христовото раѓање. Во рамките на проектот Безбедни училишта во соработка со Секторот за внатрешни работи Куманово тука сме сите заедно со богата посна трпеза и драго ни е што имаме многу гости од сите сектори од нашиот општествен живот, и мислам дека ќе биде навистина убаво-изјави Тасевска.

Целта на проектот „Безбедни училишта“ е запознавање на културата и обичаите на различни етнички заедници, а воедно и спречување на меѓуетничката нетрпеливост и нетолеранција.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)