Ракометарите со победа против Металург Јуниор

Полека, но сигурно составот на Машкиот ракометен клуб Куманово се подготвува за стартот на новата сезона која започнува кон крајот на месецот.

Викендов во Спортската сала Куманово го одиграа вториот контролен натпревар, овој пат против составот на Металург Јуниор. Мечот заврши со победа за домашниот состав и тоа со резултат 26:24. Првото полувреме подобра беше гостинската екипа и тоа за еден поен, односно резултат 12-13. Ракометарите на Куманово сепак покажаа повеќе во вториот дел од средбата што ги доведе до триумф.

„Мислам дека добро изигравме, одбраната ја поправивме за разлика од претходниот натпревар, цврсто, тесно, само бековите ни правеа проблем во првото полувреме, но во второто полувреме ја добивме утакмицата. Мислам дека Куманово може да се вклучи во бормата за подобар пласман, имаме играчи, имаме капацитет, имаме и млади и искусни играчи, мислам дека може да се подобри“ – изјави Андреј Пешевски, ракометар на Куманово.

Тимот има и мали измени во својот ростер, но измена има и на тренерската позиција, каде доаѓа Александар Атанасовски, кој смета дека миксот од млади и искусни ракометари може да биде предност во новата сезона.

„Се работи континуирано еве веќе еден месец, полека го склопуваме мозаикот на екипата, имаме склоп од поискусни и млади играчи, кои допрва треба да се докажат. Квалитетен натпревар како што видовте и самите, квалитетна екипа, тоа се искусни играчи од скопската екипа. Желбата и кај постарите постои, но уште повеќе кај помладите, желбата за докажување е скогаш присутна. Имаме одредени проблеми со постарите играчи кои се повредени, доста од нив, но на тренинзите се заложуваме да ги сочуваме тие работи на натпреварите како денешниот, појаки и посилни натпревари со поквалитетни екипи“ – изјави Атанасовски.

Според тренерот на Металург Јуниор, Благојче Весиќ, еден од фаворитите во лигата е РК Бутел, и по резултатите во подготвителниот период и по финансиите со кои располага.

„Металург Јуниор ќе служи за афирмација на млади играчи, ни е сме и како екипата на Куманово во завршен дел од подготовките, овој натпревар добро дојде за да видиме каде сме, што сме, иако е пријателски натпревар, нормално секој сака да победи, им честитам на екипата на Куманово и им посакувам успешна сезона“ – изјави Весиќ.

Во порелаксирана атмосфера и со пријателски дух помина целиот натпревар кој е само вовед во претстојната ракометна машка лига која започнува кон крајот на месецов.

Претходно тимот на Куманово го совлада и РК Рудар од Пробиштип.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)