Ракометарките со Славија Прага го започнуваат ЕХФ купот

Ракометарките на Куманово викендов освен што ги започнуваат натпреварите во домашното првенство, ќе ги пречекаат и ракометарките на Славија Прага од Чешка во рамките на првото коло од Купот на ЕХФ.

Претседателот на клубот Бобан Пеовски ги повика сите љубители на ракометот во Куманово утре да ги поддржат домашните ракометарки со почеток во 18:30 часот.

– Се работи за една многу квалитетна екипа ние во овој период донесовме неколку нови ракометарки мислам дека оваа година имаме добро засилување, очекуваме рамноправно да се носиме со оваа екипа, рече Пеовски на денешната прес конференција.

Тренерот Симе Симовски истакна дека амбициите на клубот се на повисоко ниво и со ангажирање на неколку нови ракометарки, а ростерот го оцени како солиден. За противникот вели дека е тим кој константно делува на европска сцена.

 – Познавајќи го чешкиот ракомет кој во изминатите години и сега е на едно повисоко ниво во споредба со нашиот, тоа не е алиби или барање оправдување, се уште не сме се удриле со екипата на Славија Прага. Направивме неколку анализи, сум задоволен од ангажманот на девојките, чекам да покажеме резултат од нашата игра, а резултатот сам по себе нека си дојде, бројките и се што треба да следи, рече Симовски.

Според тренерот чешкиот противник е добро физички подготвен, за што е изготвена и соодвента стратегија со кумановки.

 – Ова е само почеток, не треба тука да застанеме, туку да се бодрат овие девојки и во наредниот период што е можно повеќе да гледаме вакви натпревари, додаде Симовски.

Ракометарките со големи амбиции се подготвени за натпреварите кои стартуваат веќе утре.

– Се надеваме на добар резултат, имаме голема желба да направиме успех, бидејќи до сега не сме имале успех во ЕХФ или Челинџ купот, има добра атмосфера во екипата и се надевам дека можеби овој пат ќе се израдуваме со победа, изјави ракометарката Јована Кипријановска.

Новите девојки, според капитенот Александра Боризовска, се одлично вклопени со стариот состав.

– Имаме убава атмосфера на тренинзите. Од нас се очекува да изиграме дисциплинирано, а резултатот сам по себе ќе си дојде. Се надевам на убава игра и секако победа, рече Боризовска.

Од Челинџ Купот годинава ЖРК Куманово како освојувач на домашниот ракометен куп ја има можноста да се натпреварува на едно повисоко ниво, па затоа од управата на клубот ги повикаа сите граѓани да им ја дадат поддршката на девојките за извојување нови успеси.

 – Сакам да ги повикам навивачите, односно љубителите на женскиот ракомет во Куманово да дојдат во што поголем број, да не поддржат и да се израдуваме на што подобар резултат оваа година, изјави Филип Додевски, член на УО на ЖРК Куманово.

 Ракометарките од Прага веќе се пристигнати и вечерва ќе го имаат својот прв тренинг во Куманово. Натпреварот ќе се одигра од 18:30 во спортската сала, а цената на билетите ќе биде симболична и ќе изнесува 50 денари. Реванш мечот се игра веќе в недела, повторно на кумановски терен.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)