Распишан е конкурсот за престој во Ученичкиот дом

Конкурсот за сместување во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ во Куманово е распишан денеска.  За место може да се пријават нови ученици, но и оние кои досега ги користеле услугите на домот, кој располага со капацитет за сместување на 120 ученици, од прва до четврта година.  За да биде примен ученикот потребно е да се исполнат повеќе услови. Треба да станува збор за редовни ученици запишани во средно училиште по наставен план и програма што ја предвидува министерството за образование и наука.

– Ученик кој е запишан на училиште да е оддалечено најмалку 25 километри од постојано место на живеење и да има организиран јавен превоз. Училиштето во кое ученикот е запишан да е оддалечено најмалку 10 километри од постојаното место на живеење, има организиран јавен превоз, изјави Есад Шаботиќ, директор на Ученички дом „Професор Мијалковиќ“

Учениците кои минатата учебна година престојувале  во „Професор Мијалковиќ“ уште денеска може да поднесат молба и потполнат пријава за наредната година, а комплетната документација треба да ја достават во домот најдоцна до 01 јули, посочуваат надлежните.

Средношколците кои ќе конкурираат во првиот уписен рок, комплетната документација треба да ја достават во Домот од 26 јуни до 06 јули, а од 25 до 30 август ќе трае вториот уписен рок за потполнување на слободните места.

-Имаме формирано и комисија за уписен рок од три члена, строго мора да се воспитувачи, каде што се води сметка дали тие ги исполнуваат условите, изготвуваат и бодовна листа, и тие примени ученици на крај треба да бидат истакнати на огласна табла со решение дека се примени. Комплетна документација до 31.08 до нашиот дом треба да биде доставена и таа се носи во министерство за образование од каде треба да добиеме зелено светло, повратна информација дали тие ученици сите се примени, изјави Шаботиќ.

Потребните формулари учениците ги добиваат бесплатно во домот, а станува збор за молба, пријава, изјава од родителот и од ученикот дека не треба да се прави материјална штета, во спротивно ќе треба да се надомести. Надлежните потенцираат дека освен копија од уверение за државјанство не постара од шест месеци и копија од свидетелства од претходните години,  учениците треба да поднесат и медицинска потврда од матичниот лекар за нивната психичка и физичка состојба, бидејќи во домот се примаат само здрави деца.  Инаку, конечната листа на примени кандидати со освоени поени, конкурсната комисија ги објавува на огласна табла. Резултатите од првиот уписен рок исто така ќе се објават на огласна табла на домот најдоцна до 16 јули, а од вториот уписен рок најдоцна до 31 август.

Сместувањето во Ученичкиот дом за средношколците е бесплатно, трошоците за нив во висина од 7.500 денари ги покрива министерството за образование и наука. Освен од Куманово, во Професор Мијалковиќ престојуваат ученици од Кратово, Крива Паланка, Ранковце, Свети Николе.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)