Расчистени речните корита и одводните канали

АД Водостопанство „Кумановско – липковско поле“ ја завршува сезоната за наводнување за 2020 –та година со само една поплака од земјоделците за проблем кој што веднаш е решен, со извршени 240 интервенции на системот за наводнување што е за 35 проценти помалку од 2018 –та година, а тоа се должи на навременото интервенирање од службите, информираше денеска  директорот Оливер Илиевски.

-Иако сезонава за Водостопанство започна неповолно затоа што од вкупните количини кои се потребни за вода за успешно завршување на сезоната за наводнување и вода за пиење ние ја започнавме со 60 проценти од капацитетот на Липково и Глажња. Но, и покрај неповолните услови сезоната ја завршивме успешно со добра организација,  за сите земјоделци имаше вода за наводнување, со рестрикции на определени делови и денови, додека во континуитет обезбедивме вода за пиење за Куманово, изјави Оливер Илиевски, директор на АД Водостопанство „Кумановско – липковско поле“

Пред почетокот на зимската сезона, расчистени се речните корита  во должина од 5,5 километри и околу 500 метри одводни канали во Општина Куманово, поради што исклучена е опасноста од излевање на реките бидејќи е интервенирано на сите критичните точки каде што имало најголеми наноси од смет и градежен шут.

-Тука треба да напоменеме дека во соработка со општините Ранковце, Старо Нагоричане и Крива Паланка имаме дополнително расчитување на речни корита на територијата на овие општини околу 5.000 метри. За општина Куманово треба да ги истакнеме реката Којнарка околу 3.000 метри, Кумановка која секоја година ја расчистуваме околу 1.500 метри и Пчиња околу 1.000 метри. До крајот на годината зависно од средствата кои што ќе ги добиеме планираме расчистување на одводниот канал во населбата Вера Которка и расчистување на река Пчиња кај браната во Шупли камен која е една од поголемите инвестиции во наредниот период, изјави Илиевски.

Капацитетот на браните Липково и Глажња периодов е на завидно ниво, велат надлежните, околу 10 милиони метри кубни вода што е доволно за снабдување на градот бидејќи во моментот не се користи вода за наводнување.

-Што се однесува до изградбата на Слупчанска брана, таму со средства на Владата ќе се гради во наредните четири години. Сега ќе се распише тендер за изведувач. Проектната документација е целосно готова и тој проект го тераме благодарение на Министерството за животна средина веќе две и пол години и конечно дојде до одлука од средствата на буџетот да се издвојат и преку управата на Водостопанство да ја изградиме оваа брана. Инаку,  од самата брана дополнително ќе се гради  и цевковод за наводнување каде што ќе бидат опфатени околу 1.500 хектари на земјиште за наводнување и ќе има дотур на постојниот систем кој е во подружница „Кумановско -липковско поле“  со што ќе се обезбедат и дополнителни резервни количини на вода за снабдување на градот, изјави Илиевски.

Илиевски посочува дека уште од почетокот на пандемијата направена е реорганизација на вработените во Водостопанство, а со зголемување на бројот на заболените, преземени се рестриктивни мерки, така што во канцелариите во дирекцијата има само по еден вработен во смена, а оние што работат на интервенции ќе одат по групи  најмногу до тројца. Надлежните веќе ги известиле и нивните корисници наплатата да ја вршат во банките.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)