Редовна настава со намален број на ученици

Само 20 проценти од 187-те ученици што посетуваат настава во основното училиште „Вук Караџиќ„ денеска се вратија во училишните клупи. Според директорката Надица Петровска ваквата состојба била очекувана заради што го толерираат отсуството на учениците, со апел до родителите барем од утре наставата да се нормализира. Дел од родителите уште вчера ги известиле надлежните дека се уште се плашат да ги пуштат децата на настава.

-Во овој случај наставата колку порано децата почнат да се бават со секојдневни активности, со наставата, полесно се надминува траумата ако се држат децата во траума во страв, родителите фактички дел свесно или дел несвесни ја наметнуваат или ја одржуваат таа траума, сметам дека родителите секако се поисплашени затоа што тие и ги предвидуваат работите и го враќаат филмот она што било, она што можело да се случи така што претпоставувам дека токму поради тоа и се плашат да ги пуштат децата на настава, меѓутоа колку порано ги пуштат нормално да ги реализираат своите дневни активности толку полесно ќе ја надминат траумата, изјави Надица Петровска, директор на ООУ „Вук Караџиќ“

Петровска посочува дека наставничкиот кадар е обучен за пружање психосоцијална помош во случај на настава во криза.

Преполовен број на ученици од прво до деветто одделение е забележан и во „Наим Фрашери“.  И ова училиште е без обезбедување. Има само видео надзор.

-Нормално дека ситуацијата се нормализира и децата треба да појдат на училиште, ние ќе бидеме подготвени во секој случај да ги информираме за се што ќе се случи или ако има некои проблеми, меѓутоа наставата е редовна, нема проблеми, условите се за работа, апел – во поголем број децата да ги испратат на училиште, изјави Ибраим Ајдини, директор на ООУ „Наим Фрашери“

И покрај тоа што беше проценето дека условите за работа се подобрени и ситуацијата се нормализира,  сепак одзивот на учениците е намален во училиштата кои се во средини со мешан етнички состав и се во близина на местото на случувањата, вели раководителот на Секторот за образование Жика Крстевски.

-Одзивот на децата е помал, некаде околу од 30 до 50 проценти, верувам од оправдани причини, бидејќи дел од населението чии деца се во овие училишта се веројатно раселени, испратени некаде на посигурни места, така што очекуваме дека во текот на денешниот ден и утре ќе се комплетираат училиштата. Очекуваме дека со отпочнување на наставата денеска и оние кои денеска не се охрабрија дека утре ќе дојдат , таков е и договорот и со директорите-  тие во директен контакт со родителите да им објаснат дека веќе е безбедно и дека треба да ја продолжат наставата, изјави Жика Крстевски, раководител на Сектор за образование во Општина Куманово

Освен училиштата, денеска нормално функционираат и шесте објекти на градинката „Ангел Шајче“, но со намален број на деца во зависност од тоа во кој дел на градот живеат.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)