Редовните крводарители ќе добијат признанија

Денот на Црвениот крст и на крводарителството во Република Македонија годинава се одбележува со низа активности на државно, но и на локално ниво. Свечената академија по повод 17-ти март ќе се одржи утре во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ со почеток во 18 часот, информираат надлежните. Признанија ќе добијат редовните јубилејни  крводарители, а посебни благодарници ќе бидат врачени на Црвениот крст на РМ за организирање и давање посебен придонес во крводарителството.

-Оваа година немаме крводарител со 100 дарувања на крв кои се навистина поретки. Ова е начин да оддадеме признание на сите хуманисти кои несебично во ова долго транзиционо време не престануваат да ја докажуваат својата хуманост така што имаме дури и зголемување на крводарувањето во Куманово, изјави Иле Митковски, секретар на општинска организација на Црвен крст – Куманово

Од самото формирање во 1945-та година до денес Црвениот крст има реализирано голем број активности на планот на социјалната и здравствената хуманитарно-воспитна дејност. Според податоците со кои располагаат надлежните, на ниво на републиката до пред неколку години во текот на акциите се собирале околу 57.000 крвни единици годишно, но сега таа бројка е намалена поради квалитетот на крводарувањето, чувањето и организацијата на самите здравствени организации. Во Куманово на годишно ниво бројот на собраните единици крв се движи од 2.700 до 3.000, за разлика од пред десетина години кога бројката достигнувала 1.700. Како што вели Митковски, радува фактот што граѓаните покажуваат интерес за ваквите хумани акции. Ова го поткрепува со фактот што постојано се јавуваат нови здруженија на граѓани кои сакаат да се приклучат кон организрање на крводарителски акции. Таков е случајот со рибарите што значи дека кумановци постојано ја докажуваат својата хуманост.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)