Редовно се чистат дивите депонии

Неколку поголеми диви депонии евидентираат надлежните од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“  на подрачјето на Општина Куманово . Иако комуналните екипи редовно ги чистат депониите, сепак за кратко време повторно се создаваат од несовесните граѓаните. „Од повеќето диви депонии може да се издвојат три- четири посериозни , на влезот во населбата Перо Чичо, кај спомен костурницата и во населбата Гоце Делчев , кај зградите во близина на  пекарата“ , посочува директорот на „ Чистота и зеленило“ , Даниел Стојчевски.

– Она што претставува сега голем проблем е дивата депонија кај поранешен Житомел на булеварот Октомвриска револуција која што беше чистена пред два месеца , меѓутоа сега повторно прераснува во вистинска голема депонија. Таму проблемот за чистење е тоа што тоа не е сопственост или јавна површина на државата туку е сопственост на самото правно лице за кое што во моментот се води стечајна постапка и ние имаме проблеми  да влеземе внатре да чистиме. Претходно ни треба одобрение од стечајниот управник, а таму работите функционираат малку потешко. И затоа би апелирал до граѓаните да престанат и таму да ја создаваат дивата депонија бидејќи таа се наоѓа во строгиот центар на градот , изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“

Покрај дивата депонија кај поранешен Житомел, најредовно собирање на смет , градежен шут, расипани електрични апарати и слично има на дивата депонија на влезот во населбата Перо Чичо, велат надлежните. Само годинава на таа локација јавното претпријатие „Чистота и зеленило “ организирала  седум акции за чистење на депонијата.

-Сега за сега ситуацијата таму е да речеме под контрола, меѓутоа со оглед на претходното искуство очекуваме дека повторно ќе се создаде таму дива депонија и да ја искористам уште еднаш по којзнае кој пат оваа прилика да упатам апел до граѓаните кои што живеат таму, кои што поминуваат таму, да престанат да фрлаат ѓубре бидејќи во наредниот период во раговори со локалната самоуправа, со градоначалникот на Општина Куманово ќе се започне и со акција за санкционирање на сторителите од комуналната инспекција, изјави Стојчевски.

Во буџетот за 2018 –та година Општина Куманово има предвидено 6,1 милиони денари за заштита на животна средина.

Предвидени се и промотивни спотови на општинската веб страна, куманово.гов.мк. , каде што функционира електронска адреса на која граѓаните можат да праќааат слики, видео-записи од однесувањето на несовесните граѓани, по што надлежните инспекциски служби ќе можат да превземааат дополнителни мерки за расчистување на истите.

Коментари

коментар(и)