Реосветен манастирот „Свети Ѓорѓи“

Манастирот „Свети Ѓорѓи“ во село Старо Нагоричане вчера беше реосветен, а свечената литургија ја спроведе митрополитот дебарско-кичевски и администратор австралиско-сиднејски Тимотеј, заедно со европскиот Пимен, брегалничкиот – Иларион, тетовско-гостиварскиот Јосиф, како и надлежниот митрополит Кумановско-осоговски д-р Јосиф.

Последниве пет месеци откако ѓаконот Дејан Зец служи во цркавата, интензивно се работи на уредување на црковните предмети кои што се неопходни за сослужение на свештените лица, а се уредува и црковната куќа која се наоѓа во непосредна близина на „Свети Ѓорѓи“, што е и причина зошто манастирскиот комплекс повторно се осветува.

Реосветувањето на овој свет храм е резултат на градежните активности кои се вршат околу самиот објект, па затоа според правилата повторно треба да се освети манастирот заедно со се она што веќе е направено, откако истата за прв пат била осветена, за што конкретно немаме податок кога се случило, со оглед на тоа дека станува збор за манастирски комплекс кој е од изминатиот милениум – појасни Дејан Зец, ѓакон во манастирот.

Во оваа црковна куќа за првпат после повеќе децении направена е крстилница, што значи дека може да започне и крштевањето на децата, целосно е опремена и канцеларија за свештените лица, но и просторија за прием на гости. Што се однесува до испосницата на свети Прохор Пчински , реновирана е од темел, а деновиве ќе добие и кована ограда со железна порта.

По завршувањето на Литургијата беа осветени новите парохиски административни простории и новата крстилница.

Инаку, првата црква „Свети Ѓорѓи“ е изградена во 1.071 година од византискиот цар Роман 4 Диоген во чест на свети Прохор Пчински ,но од некои необјаснети причини црквата била урната . На истите темели српскиот крал Милутин повторно ја изградил во 1.313 година. Интересен податок е тоа што внатре во црквата се наоѓа и гробот на бугарскиот цар Шишман , кој животот го загубил во 1.330 година во битката меѓу Бугарија и Србија. Неговото тело е закопано во црквата во Старо Нагоричане  по наредба на српскиот цар Душан.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)