Ресурсен центар ќе проработи во „Браќа Миладиновци “

Од први септемви во основното училиште „Браќа Миладиновци“  ќе започне со работа ресурсен центар, а  подготвителните активности ќе отпочнат наредниот месец , најави денеска директорката Марина Манојловска. Ова е единствено училиште во североисточниот регион во кое што функционираат паралелки за деца со посебни образовни потреби. Со нив работат деветмина дефектолози.

-Сите тие девет дефектолози ќе учествуваат во работата на ресурсниот центар , но исто така веќе од први април почнуваат на ниво на основното  училиште Браќа Миладиновци да работат со децата кои се во редовни паралелки , а се инклузивни. Ресурсниот центар подразбира соработка на сите дефектолози во основни и средни училишта . Ние со право сме носители на тоа затоа што имаме дефектолози кои веќе работат со посебни паралелки,  но имаме необучени одделенски наставници и предметни наставници кои со инклузивна настава реално не знаат и не умеат да работат со децата, изјави Марина Манојловска, директор на ООУ„Браќа Миладиновци“

Целта на ресурсниот центар е да се стави на услуга на граѓаните и на родителите на децата со посебни образовни потреби , а пред се на учениците со посебни потреби во Куманово, посочуваат надлежните.

– Дефектолозите од нашево училиште ќе бидат на располагање и тоа која форма би зазело-ќе се организираат работилници за наставниците од целиот регион , не само работилници за наставниците од нашево училиште туку од целата општина каде што ќе се објаснува процесот на едукација на ученици со посебни образовни потреби , исто така ќе се организираат работилници и предавања за родителите кој ќе им помогне во начинот на воспитување и помагање на учениците , а воедно и индивидуалната работа со ваквите ученици таму каде што ќе треба ќе биде позастапена , првин почнуваме со нашево училиште „Браќа Миладиновци“ , изјави м-р Милена Илиќ Пешиќ, дефектолог

Надлежните  ги повикуваат родителите кои имаат деца со посебни образовни потреби првин да ги разгледаат условите за работа во посебните паралелки  каде што учат овие ученици, а можат да се одлучат и за редовното образование во училиштето. Во посебните паралелки во ова училиште настава следат педесетина ученици.

Што се однесува до бројот на децата со посебни образовни потреби на ниво на општината, надлежните потенцираат дека е променлив, но последните истражувања покажале дека помеѓу 200 и 300 деца во Куманово се со посебни потреби , а тука се вбројуваат  и децата со говорни  пореметувања.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)