Речиси шест милиони денари доби Центарот за култура

Речиси шест милиони денари доби Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“од Министерството за култура во рамки на годишната програма. Предвидени се 24 проекти од повеќе дејности од национален интерес во културата за 2020. Директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски, истакна дека генерално е задоволен од овие средства.

-Генерално сме задоволни секогаш може подобри и секогаш може повеќе. Очекуваме дека во текот на годината ќе најдеме наши средства, поддршка од  општината, помош од некои други организации, со цел да ги реализираме овие проекти кои ни се доделени од Министерството за култура-изјави, директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Вкупно 4, 2 милиони денари ќе добие програмата за драмска дејност. Во неа опфатен е и фестивалот „Денови на комедија“ за кој годинава Министерството одвојува 700.000 денари.

-Овие средства не се доволни за комплетна реализација на фестивалот. Но, влезени сме во програмата за култура на општина Куманово и ќе доделат некои средства, имаме и позитивно мислење од Владата на Република Северна Македонија дека ќе доделат некои средства, тука се и спонзорите така што се надеваме дека ќе направиме финансиска конструкција со која ќе можеме да реализираме успешен фестивал. Лани за фестивалот ни беа доделени 600.000 денари, оваа година 700.000 денари, да се надеваме дека идната година ќе биде уште подобро-изјави Тодоровски.

 Кумановци ќе проследат и четири театарски претстави две на македонски „Гробишта на автомобили“ од режисерката Нела Витошевиќ и „Вообразен болен“ од Драгана Стојчевска Гунин како и две на албански јазик, „Игра на љубовта“ во режија на Нехат Мемети и „Затвореник од 15-тиот кат“ од Афеида Боричи. Според објавеното, ќе се финансираат три проекти од фолклорно-сценската уметничка дејност, за што ќе бидат одвоени 200.000 денари, за музичка дејност предвидени се средства во висина од 220.000 денари за четири проекти.

Единаесет изложби ќе се реализираат во кумановскиот центар за култура, меѓу нив традиционалните „Самоуки“, „Скици“, „Графичари“ за што Министерството одвојува 335.000 денари. За литературно-издавачката дејност, НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе добие 40.000 денари. Кумановскиот центар за култура ќе добие и средства од 910.000 денари, за набавка на техничка опрема за осветлување.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0 0

Коментари

коментар(и)