Решението на МОН неприфатливо за средношколците

По четвртата средба со претставници од средношколскиот пленум, Владата излезе со финален став: екстерно тестирање ќе има, а матурскиот испит ќе се полага по стариот концепт само уште оваа година. Вицепремиерот Владимир Пешевски, упати апел до учениците, директорите и родителите од понеделник да се вратат во училишните клупи бидејќи потребно е да се дополни материјалот којшто е испуштен за време на протестите и бојкотот на средношколците.

 Од наставничкиот пленум информираа дека ваквата одлука не ја поддржуваат. Наставниците велат дека за да се постигне заедничко решение, потребен е дијалог во кој ќе учествуваат двете засегнати страни.

Кумановските средношколци велат дека не ги прифаќаат предлозите на Министерството. Тие велат дека при разговорот со претставниците од МОН, наишле на арогантен однос од страна на надлежните.

– Тројцата претставници коишто имаат влезено во министерството веќе укажаа на арогантноста на МОН кон средношколците и заклучија дека Владата на РМ не е запознаена со хоризонталните структури коишто применуваат директна демократија односно не знаат како да се носат со таквите структури, изјави Никола Крстевски, средношколец.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права и Првата детска амбасада – Меѓаши, кои со претставници присуствуваа на вчерашната средба, го потврдуваат незадоволството на наставниците и учениците. Тие забележуваат дека претставниците на средношколскиот пленум биле несоодветно третирани од страна на високите државни функционери.

Од средношколскиот пленум најавија дека скопските средношколци ќе продолжат со кампување во паркот на новинарите, во Куманово ќе продолжат со бојкотирање на настава, а не ја исклучуваат и можноста за нов протестен марш.

– Треба да свикаме состанок за да одлучиме дали ќе има протест или не. Нашиот сегашен став е дека со протестите не постигнуваме ништо. Имавме три генерални марша во Скопје, маршеви на градско ниво, така да со тоа немаме постигнато ништо до сега, додава Крстевски.

Средношколците сметаат дека со четирите средби до сега, не успејале да пронајдат никакво прифатливо решение. Тие најавуваат дека ќе продолжат со нивните активности, а трите барања остануваат исти.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)