„Рурална коалиција“ со истражување за руралната жена

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на руралната жена, а препораките се институциите да овозможат ист квалитет на живот како и во урбаните средини. По тој повод, „Рурална коалиција“ – Куманово ги презентираше резултатите од спроведеното истражување во врска со руралната жена. Истражувањето покажува дека жените од руралните средини не учествуваат во донесување на одлуки на локалната заедница и покрај нивниот придонес кон семејните земјоделски стопанства, дел од нив сметаат дека тоа е „машка“ работа, но бараат подобра инфраструктура како и можности да напредуваат во оваа гранка.

Во истражувањето биле опфатени сто испитанички, жени од рурални средини од североисточниот и пелагонискиот регион, од кои 64 проценти имале минимали познавања за родова еднаквост преку принципот на родово-одговорно буџетирање, вклучување на жените во процесите на донесување на одлуки во месните заедници, ниту една не слушнала за родово-одговорно буџетирање или родов индекс и некогаш не учествувале на состанок на месна заедница.

-Целта е да се види нивната положба во однос на достапност на социјални услуги, економската активност и испитувавме која е нивната улога во донесување на одлуки на локално ниво. Бројките се поразителни во руралните средини. 77 проценти од испитаничките ги немаат услугите на локално ниво, немаат пат, превоз, амбуланти, градинки, банки, во некои нема училишта, а некаде ни продавници. Загрижува фактот дека сметаат оти присуствувањето на состаноци е исклучиво машка работа, изјави Лилјана Јоноски од „Рурална Коалиција“.

Земјоделката Жељка Диклиќ-Илиевска од село Пчиња вели дека се соочуваат со недостиг на услуги во руралните средини, немање вода, канализација, превоз, пат, поради што пешачат за да стигнат до работа, обврзани се самите да се снаоѓаат да ангажираат роднини да им ги чуваат децата за да си ја завршат работата.

-Борбата е голема кај руралните жени, недостига едукација, само за пет години една мобилна амбуланта ни направи преглед, работи на имот, а нема имот, кредитно е неспособна, иако работи, вели Диклиќ-Илиевска.

 Таа се надева дека во иднина работите ќе се придвижат во позитивна насока за жените од руралните средини.

Истражувањето и анализата се дел од проектот  „Активни жени во руралните средини – активно придонесуваат кон развоjот на локалната заедница“кој што го спроведува Здружението Рурална Коалиција во партнерство со здружението на жени фармери Моjа Фарма, финансиран како под-грант во рамките на проектот „Градење на капацитетите на МРР и нејзините членки” спроведуван од Мрежата за Рурален Развоj, а финансиран од We Effect.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)