Санирани дефекти на цевководот

Екипи на Водостопанство Кумановско- липковско поле заедно со ЈП Водовод ќе проверуваат дали постојат диви приклучоци на цевководот од Липково до филтер станицата. Нелегални приклучоци веќе се евидентирани на цевководот за системот за наводнување, информираат надлежните.

-Ние имавме информации дека дел од граѓаните на Општина Липково и Куманово имаат  диви приклучоци на цевководот за системот за наводнување. Немаме информации дали има диви приклучоци на водот кој води од Липково до филтер станицата односно директниот вод затоа што тој вод ние не го одржуваме туку ЈП Водовод. Заедно со ЈП Водовод одлучивме идниот период односно во пролетта да направиме една сондажа на целиот тој вод и да видиме дали има диви приклучоци, ако има да ги отстраниме. Оваа година од јануари откако сум јас тука нема проблем со дотур на вода до ЈП Водовод односно до филтер станицата. Имаме секојдневна комуникација и така и ќе продолжи во идниот период, изјави Оливер Илиевски, директор на Водостопанство Кумановско -липковско поле.

Во изминатиот период Водостопанство Кумановско -липковско поле работеше на санирање на дефектите на мрежата за наводнување и дотур на вода.

-Имаме се уште проблеми, треба да ги решиме во идниот период. Имаме проблем со набавка на шибери за шахти. За нив сакаме да поднесеме до Управата  за водостопанство при министерство за земјоделство. Имаме ветување од нивна страна дека ќе ни помогнат во тој дел и се надеваме дека идната година ќе бидеме уште подобри во дотур на вода, изјави Оливер Илиевски, директор на Водостопанство Кумановско липковско поле

А,  за отстранување на останатите регистрирани аномалии на браните Глажња и Липково во наредниот период Водостопанство Кумановско -липковско поле ќе аплицира до инвестиционата програма на владата.

-Браните Липково и Глажња се во стабилна состојба. Ние оваа година имаме изработено елаборат од градежниот факултет  за состојба на истата. Ни имаат укажано на неколку аномалии. Сега во наредниот период ќе изготвиме посебни елаборати за секоја аномалија и ќе аплицираме до инвестиционата програма на владата за да може преку таа инвестициона програма да ги отстраниме аномалиите. Инаку,  браните се во функционална состојба, количеството на вода е доволно за наводнување и за вода за пиење и за град Куманово, а се надеваме дека во идниот период по воспоставување на водоводна мрежа и во општина Липково. Општина Липково според нашите проценки годишно ќе користи некаде околу еден до еден ипол милион кубика на вода, додека Куманово во просек годишно користи седум до девет милиони кубика на вода, изјави Илиевски.

Капацитетот на браната Глажња –Липково  е 24 милиони кубици вода.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)