Светиот крст ќе се фрла и во затворениот базен

По повод претстојниот празник Богојавление – Водици, традиционално се организира пливање по крст во Затворениот градски базен. Настанот ќе се одржи утре со почеток во 11:45 часот.

Манифестацијата е во организација на пливачките клубови „Аква“, „Немо“, „Делфин“ и „Тумба“, а под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово и кумановско-осоговската епархија.

– Втора година по ред се организира оваа манифестација и по светиот крст ќе пливаат околу 100 граѓани на општина Куманово. Целта ни е спојување на традицијата и модерното и се надевам дека од година во година бројката запливање по светиот крст ќе расне , изјави Александар Спирковски, Пливачки клуб  „Делфин“ Куманово

За таа цел, сите заинтересирани лица кои сакаат да земат учество во настанот, можеа да се пријават денеска во просториите на Затворениот Базен.

Минатата година шеснаесетгодишниот Стефан Мирчевски беше најбрзиот пливач меѓу осумдесетината пријавени во трката за светиот крст.

Светите литургии ќе започнат рано изутрина во 8  часот низ сите цркви во кумановско, а крстот ќе се фрла во базените во дворовите на црквите, но и во реката Липковка во населбата Бедиње.

За разлика од затворениот базен каде водата е топла, за базените на отворено и реките се препорачува капачите да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат здравствени проблеми, а доколку влезат во водата да не се задржуваат подолг временски период, со оглед дека телото се лади десетпати побрзо отколку во воздухот.

Се препорачува оние кои ќе скокаат по крстот да не консумираат алкохол пред влегувањето во вода, бидејќи алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата на организмот.

За разлика од минатата година кога температурите беа рекордно ниски и имаше снег, годинава капачите ќе имаат нешто подобри временски услови. Според метеоролозите утре кога ќе се фрла крстот температурата ќе се движи од 0 до 3 степени целзиусови.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)