Светски ден на културна разноликост за дијалог и развој

Куманово има посебна причина да го одбележи Светскиот ден на културна разноликост за дијалог и развој бидејќи неговата вредност се темели на културните различности. Во градот освен Македонци, живеат и Албанци, Срби, Власи, Турци и др, а општинскиот совет е единствениот во земјава во кој покрај македонскиот се зборува и на јазиците на националностите, албанскиот, ромскиот и српскиот јазик. Во општината има повеќе невладини организации кои го промовираат мултикултурализмот, меѓу нив е и Центарот за меѓукултурен дијалог чија цел е препознавање на културни различности и наоѓање на начин за заедничка соработка. Овој ден кој е признаен од ОН, се одбележува од 2002 година.

– Сите сме различни но мора да најдеме начин како да живееме заедно. ЦИД веќе неколку години работи со младинскиот центар Мултикулти кои ја обработуваат темата за културни различности и да ги гледаме како позитивна вредност, а не нешто лошо, вели Флорим Реџепи, проектен координатор во ЦИД.

Светскиот ден на културна разноликост за дијалог и развој е инспирација за сите држави и општества, за сите заедници и секој човек. Во ЦИД освен  домашни волонтери со различни етничка припадност вклучени се и меѓународни волонтери. Моментално има волонтери од Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Полска и Турција.

– Сите се во Куманово и работат во Младинскиот центар на различни активности со младите од Куманово. Тие се секој ден од 10 до 17 часот во Мултикулти и секој може да ги запознае. Обично секој волонтер си има свој проект и се надоврзуваат со работата во младинскиот центар, држат предавања за културата, јазикот и земјата од каде доаѓаат. И тие имаат часови за да ја запознаат локалната култура и јазикот, вели Реџепи.

Реџепи додава дека волонтерите освен македонскиот добро го совладуваат и албанскиот јазик и одлично се вклопуваат во приказната на различности во Куманово. Од ЦИД порачуваат дека со признавањето на културните различности се зајакнува меѓусебното почитување и се гради заедничко општество засновано на трајни вредности.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)