Светски ден на театарот – Сашко Коцев автор на македонската порака

Со изведба на претставата „Интрига и љубов “во режија на Љупчо Ѓеорѓиевски, по текст на Фридрих Шилер, и кумановскиот Театар се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден на театарот- 27 март. Пред почетокот на претставата се читаат европската и македонската порака- напишани од актери, драмски автори, режисери, продуценти. Македонската порака  годинава ја напиша актерот и стендап-комичар кумановецот Сашко Коцев кој, меѓу другото, порача дека Светскиот ден на театарот е одличен повод токму театарските дејци да ги симнат маските од нивните лица и да проговорат за вистината. Инаку, Меѓународниот ден на театарот годинава  се поклопува со 70 години постоење на Интернационалниот театарски институт и со 70 годишната работа на кумановскиот Театар, изјави Роберт Цветковски, директор на Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Одбележувањето на овој ден е иницирано на 9. Светски конгрес на ИТИ на УНЕСКО во јуни 1961 година, а од наредната година тој почнал да се слави на 27 март – датумот кога е отворена сезоната на „Театарот на нациите“ во Париз.

Светскиот ден на театарот денес на различни начини се одбележува од речиси сто национални центри на Интернационалниот театарски институт ИТИ, кој е основан во 1948 од УНЕСКО и е најважната меѓународна невладина организација во областа на изведувачките уметности.

Интернационалниот театарски институт  настојува да ја промовира интернационалната размена на знаења, да го стимулира творештвото и да ја зголеми соработката меѓу театарските луѓе и заемното разбирање со цел да се зајакне мирот и пријателството меѓу народите. Настаните што низ светот се организираат на Светскиот ден на театарот се обид да се остварат тие цели.

Интернационалната порака се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред претставите во театрите низ светот. Автор на првата меѓународна порака во 1962 година бил францускиот писател, сликар и режисер Жан Кокто.

Од 1997-та  Македонскиот Интернационален театарски институт  -центар го одбележува Светскиот ден на театарот и со македонска порака.

Коментари

коментар(и)