Свечена седница по повод Денот на ослободувањето на Куманово, 11 –ти Ноември вчера се одржа во центарот за култура на која беа доделени Ноемвриските награди , признанијата, а евроамбасадорот Самуел Жбогар како почесен граѓанин на Куманово симболично го доби клучот од влезната врата на градот.
„Наша задача и приоритет како политичари и креатори на општествените текови мора да биде иднината на нашите деца. Европските вредности и стандардите за кои сонува секој млад човек да бидат применети во нашата средина“, рече претседателката на Советот, Атина Мургашанска на отворањето свечената седница.
– Да ги мотивираме младите семејства овде да ја планираат својата иднина, а своето знаeње да го инвестираат во растежот и развојот на нашата земја, изјави Атина Мургашанска, претседател на Совет на Општина Куманово
Градоначалникот Максим Димитриевски освен за историското минато на градот , зборуваше и за просперитетно европско Куманово, додека пак реализираните проекти во едногодишниот мандат на Димитриевски, присутните ги проследија преку видео презентација.
-Немаме намера да застанеме. Заедно со нашите стопанственици, користејќи ги потенцијалите во градот ќе продолжиме да го развиваме малото и средно стопанство и да го сочуваме она што досега е сработено, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово
Пред присутните се обратија и советниците Ненад Ѓорѓевиќ, Самет Салиевски и Хана Џељадини на својот мајчин јазик.
На свеченоста по повод 74 години од ослободувањето и 499 години од постоењето на Куманово присуствуваа членови на сојузот на борци, министри, амбасадори, поранешни и актуелни градоначалници, советници, претставници на АРМ, МВР, делегации од збратимените градови, јавни институции, претпријатија.