СДСМ е против промена на името на плоштадот

Општинската организација на СДСМ во моментов е против иницијативата за преименување на плоштадот „Нова Југославија“, во „Плоштад Македонија“, која што ја даде Коалицијата за Подобра Македонија. Тие сметаат дека во овој момент тоа е непотребно и нелогично, со оглед на проблемите со кои се соочува градот. Додаваат дека со ова постои можност припадниците на останатите етнички заедници, следејќи го овој пример, да бараат реименување на одредени улици.

-Немајќи претпоставувам идеа, храброст и можност нешто да сменат во Куманово како општински комитет, раководство на една партија кое што е на власт на централно ниво, се трудат со некои квази патриотски условно кажано потези да одбранат нешто што веќе одамна е загубено, да сочуваат нешто што можат, но сигурен сум дека граѓаните на Куманово ваквата иницијатива веќе во самиот старт ја препознаа како лицемерна, недоволно добро и непотребна во денешницата со проблемите во кои живееме-наведе претседателот на ОО СДСМ, Мартин Костовски.

Според Костовски оваа иницијатива е со цел да се пренасочи вниманието од проблемите на централно ниво. Предупредува дека ќе следат уште вакви нелогични чекори со оглед на тоа што наскоро ќе започне периодот на кампањи.

Инаку советниците од Коалицијата за Подобра Македонија утринава  доставиле предлог иницијативата за ставање точка на дневен ред до Советот на Општина Куманово, за расправа за промена на името на плоштадот. Согласно законот таа точка на некоја од наредните седници ќе биде ставена на дневен ред и советниците ќе имаат можност да одлучат дали сакаат да расправаат или не. При самата постапка ќе се почитува правилото за бадинтерово мнозинство, при што најмалку половина од присутните припадници на етничките заедници ќе треба да се произнесат позитивно за таа одлука.

-Мислам дека колегите советници беспотребно го политизираат самиот настан и на крајно популистички начин најпрвин отпочнуваат една референдумска постапка со прибирање на потписи во јавноста, а дури потоа денеска стигна писмо бараат ставање точка на дневен ред на советот. Јас како човек живеам во Македонија и отсекогаш сум се залагал да живеам во независна и суверена држава, но немам право ниту јас да ја бришам историјата на нашите дедовци и баби, бидејќи факт е дека ние тогаш живеевме во СФРЈ.  Некој на време го одбележал тоа време со ставање на име на градскиот плоштад, ајде да изградиме нов плоштад во Куманово кој ќе го именуваме како Македонија-наведе Максим Димитриевски, претседател на Совет на Општина Куманово.

Според Димитриевски можеби едно од најневажните прашања во овој момент е како ќе се вика кумановскиот плоштад. Тој апелира  политичарите  да не собираат ефтини поени, туку да се залагаат за решавање на проблемите со кои што се соочува градот, меѓу кои спаѓаат комуналните проблеми, неименуваните улици и континуираната блокада од централната власт.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)