СДСМ и коалицијата со мнозинство во Советот

Мнозинството во новиот Совет на општина Куманово и оваа година, според резултатите објавени на Државната изборна комисија, ќе го има СДСМ и коалицијата со 16 советници, што за нив значи 4 советници повеќе од претходните избори. ВМРО-ДПМНЕ освои 11 советници, што е за едно место помалку. ДУИ ќе има еден советник помалку, односно три места, а новите партии во Советот се БЕСА со два мандати и Алијансата на Албанците со еден. Левица, ДПА и Алијансата на Албанците нема да имаат свој претставник во новиот состав на Советот.

Од советничките редови на СДСМ, во Советот останува Ивица Костовски од ЛДП и Самет Салиевски, како и Владимир Павловски кој се враќа по мала пауза. Новите советнички надежи се Атина Мургашанска, Томица Илиќ, Благојче Јаќимовиќ од НСДП, Соња Тодоровска, , Милена Строимановска, Хана Џемаили, Миле Андоновски од ПП, Ненад Ѓорѓевиќ од ССМ, Александра Андоновска, Сашо Милковски од АПМ, Ивана Николиќ, Ана Ангеловска и Саша Арсиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште еден мандат  остануваат Драган Петковски, Саша Николиќ од ДПСМ и Борислав Додевски од СПМ, а по еден мандат пауза ќе се врати и Зоран Петрушевски од ГРОМ. Во советот за  прв пат ќе седнат Емилија Трајковска, Анета Шандева Доневска, Невена Величковска, Мирослав Тричковиќ ДПСМ, Срѓан Рашити СРМ, Марија Цакиќ од ГРОМ и Александра Тасиќ ДПСМ.

Фатмир Идризи, Фериз Дервиши и Адељина Адеми ќе ги бранат боите на ДУИ во новиот совет, Наиље Османи и Фљурим Имери од БЕСА а Осама Муадини од Алијансата на Албанците.  Советот на општина Куманово го сочинуваат 33 советници.

Граѓаните во неколку наврати реагираат дека на дел од советниците од претходниот состав за време на четиригодишниот мандат не им го слушнале ниту ни гласот, туку само ги гледале како креваат рака и ги следат насоките на партијата од којашто доаѓаат. Тие се надеваат дека новите советниците ќе се залагаат за решавање на суштинските проблеми. Инаку од минатата година на телевизија Плус започнаа во живо да се пренесуваат седниците на советот, со што кумановци имаат можност да ги следат дебатите на луѓето кои што ги избрале.

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)