СДСМ организираше крводарителска акција

По повод 17-ти март, Ден на крводарителството и Ден на Црвениот крст општинската организација на СДСМ денеска организираше крводарителска акција. Во истата се вклучија членови, активисти и симпатизери на СДСМ, како и голем број граѓани.

-Ова е 27-ма крводарителска акција се надеваме дека бројката на соберени крвни единици ќе биде како и минатите години над 80 крвни единици, бројка со која можеме да се гордееме.  Знаеме дека давањето крв некогаш може да спаси човечки живот-изјави претседателот на општинската организација на СДСМ, Мартин Костовски.

Претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски наведе дека ваквите акции се значајни, бидејќи на нив се собира најскапоцената течност.

-Се надеваме дека ваквата акција денеска како и многупати одржаните акции ќе бидат успешни, со што ќе им помогнеме на граѓаните на кои што им е потребна помош од ваков вид, да им излеземе во пресрет-истакна тој.

Раководителката на службата за трансфузиологија, Лилјана Славковска истакна дека очекуваат да постигнат рекорд од над 120 крвни единици.

-Имаме голем број на крводарители кои чекаат ред да дадат крв. Досега имаме дарувано околу 20 крвни единици-наведе таа.

Крводарителите истакнаа дека ќе продолжат да учествуваат во ваквите акции.  Акцијата која што е во организација со општинскиот Црвен крст започна во 12 и 30 минути,  а ќе трае до 18 часот. Инаку општинската организација на СДСМ два пати годишно организира вакви хуманитарни акции.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)