СДСМ повикува на масовен протест

Општинската организација на СДСМ ги повика сите заинтересирани граѓани да се приклучат на масовниот и ненасилен протест, кој треба да се одржи  во недела во Скопје. Тие истакнаа дека на 17-ти ќе излезат на улица, каде што планираат да останат се додека не се случи пораз на власта, за која што велат дека од ден на ден им ја одзема иднината.

-Македонија е земја во која демократијата е мртва, а граѓаните се жртви на насилниот режим на Груевски. Целата држава е заложник на деструктивната политика на неколку луѓе кои ја носат нашата земја во пропаст, ги злоупотребуваат нашите пари и ни ги бркаат децата во странство. Ова е точка од која нема враќање. Чукна крајниот час за промена, за слобода. Ова е време за натпартиска, граѓанска битка-изјави Мартин Костовски, претседател на ОО на СДСМ од Куманово.

Тој наведе дека не може да прецизира дали веднаш ќе останат пред Владата, но нагласи дека тоа ќе биде одлучено во координација со централното партиско раководство.

-Ова е борба меѓу граѓаните и врхушката на Груевски, ова е борба за враќање на општеството и државата во рацете на граѓаните на Македонија. На 17-ти мај ве молиме за миг да се потсетите на последните девет години, на сите притисоци, сите парични и затворски казни, сите иселувања, омаловажувања и неразрешени убиства, партиски вработувања, монтирани судски процеси, рекетирање на фирми-додаде тој.

Од СДСМ истакнаа дека за протестот ќе има организиран превоз од Куманово. Автобусите е планирано да тргнат во  11 часот, од Градскиот кеј на Октомвриска револуција. Инаку од СДСМ немаат информации за актуелната состојба во градот, бидејќи велат дека воопшто немаат комуникација со надлежното СВР Куманово. Истакнаа дека во телефонски разговор помеѓу секретарот на општината и началникот на СВР Куманово им било кажано дека зголеменото присуство на полицијата е поради безбедносни причини. Тие додадоа дека немаат подетални информации ниту од советниците Албанци, бидејќи се уште не се случила официјална средба.

Коментари

коментар(и)