СДСМ ќе избира лидер со гласање на сите членови

СДСМ во иднина својот претседател ќе го избира на внатрепартиски, непосредни избори, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија со измените, се регулираат како трајни и статутарно предвидени форми на организирање, а се формира и Форум на пензионерите. Ова се само дел од одлуките на 25 –от Конгрес на СДСМ  кој се одржа вчера за првпат дигитално.

„Тоа значи дека секој член на СДСМ ќе може да гласа и директно да одлучува кој ќе ја води партијата“, рече партискиот претседател Зоран Заев на прес-конференција по завршување на Конгресот.

– Новиот претседател на СДСМ ќе биде избран на директни, фер, слободни партиски избори следната година, кога истекува мандатот на ова раководство. Правото на кандидирање веќе нема да биде резервирано за мала група луѓе, туку за Претседател на СДСМ ќе може да се кандидира секој член со најмалку 5 години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор со право на глас. Ова е врвен чин на демократизација и пионерски чекор во партиското дејствување во Република Северна Македонија. Пример кој веруваме дека наскоро ќе го следат и другите политички партии. Ја менуваме и Преамбулата на Статутот. Покрај слободата, еднаквоста и солидарноста кој се основни социјалдемократски и демократијата како цивилизациска вредност, ја додаваме и правдата, како основно обележје на трајната посветеност на нашата партија. Тоа се случи токму денеска на денот на правдата. Воведуваме и Кодекс на однесување на членовите на СДСМ. Вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс на однесување на членовите на СДСМ, рече Зоран Заев, претседател на СДСМ

Со новите измени црвената боја станува боја на СДСМ, најави пред почетокот на Конгресот, претседателот на општинската организација на СДСМ Куманово, Мартин Костовски.

– На овој Конгрес ќе се донесат битни одлуки, одлуки во делот на унапредување и демократизацијата на самата партија. За првпат во историјата како во државата, на Балканскиот полуостров, дури и во Европа и во светот една партија на непосредни внатрепартиски избори ќе има можност да избере претседател на партија при што во самите статутарни измени ќе бидат потенцирани и определени одредби во самиот Статут како и на кој начин ќе се врши изборот на раководството на партијата, партиските тела и органи. Освен овие статутарни измени, вредно за споменување е и промена на симболот на партијата со што ќе имаме ново лого, песницата, ружата и ѕвездата ќе бидат сменети со црвена основа на знамето и со бели букви испишана кратенката СДСМ. Куманово е еден од 29-те центри кои што ќе се вклучат на апликацијата ZOOM, во моментот имаме 26 изборни делегати и шест делегати по функција, 32 делегати, заедно со нас се и нашите другари од општинската организација на СДСМ на Старо Нагоричане, кои се четири на број и се надевам дека ќе имаме успешен Kонгрес, изјави Мартин Костовски, претседател на ОО на СДСМ Куманово

Со новиот Статут организациите на СДСМ во другите држави ќе учествуваат во работата на партијата преку свои делегати и ќе добијат официјално и статутарно признание за нивната долгогодишна несебична помош и нивниот третман во партијата. Делегатите на Конгресот изгласаа доверба на органите на СДСМ избрани од Конгресот, а констатирани се оставките на Дамјан Манчевски и Драган Тевдовски од членови на Централниот одбор на СДСМ.

Претседателот на владејачката партија, Заев оцени дека Конгресот бил одржан во победничка и демократска атмосфера.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)