Седниците на Советот во живо на ТВ Плус

Телевизија Плус од денеска започна директно да ги пренесува седниците на Советот на Општина Куманово. Граѓаните  за прв пат во историјата на локалниот законодавен дом, ќе имаат увид во работата и начинот на донесување одлуки на народните избраници. Одлуката за  телевизиско снимање на седниците и интегрално пренесување, беше донесена уште во мај 2012 година, но не беше реализирана. Седниците се пренесуваа само на општинскиот портал. Првиот човек на градот, Зоран Дамјановски вели дека изминатиот период реално не постоела можност за спроведување на одлукатa. Тој смета дека ова е голем чекор во однос на транспарентноста кон граѓаните, за актуелните проблеми во градот.

-Денеска направивме да не кажам историски, но многу важен чекор во однос на транспарентноста и демократизацијата бидејќи Куманово е предводник на слободарски и демократски дух. Овој пренос ќе се врши на две телевизии на македонски јазик и на албански, кој ќе презема од линковите. Ја поздравувам оваа одлука на администрацијата да направи напори и да се доближиме до граѓаните, она што е нивен интерес, што е витално за локално живеење-нагласи тој.

Претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски истакна дека се работи за позитивна одлука која конечно целосно ќе се имплементира.

-Самата одлука ќе значи поголема транспарентност на советот како еден од органите на локалната самоуправа што значи целосна информираност на јавноста  во општина Куманово не само во делот на нашите надлежности туку првенствено на одлуките кои ние како членови изберени од страна на граѓаните и нивни претставници согласно законот ги носиме во нивно име-нагласи Димитриевски.

И советниците се согласуваат дека на овој начин ќе им се овозможи на граѓаните најтранспарентно да ги следат нивните дебати. Тие се среќни што градската власт успеа да обезбеди средства за телевизиски пренос во живо.

-Ние долго време очекувавме да почнат овие директни преноси за да граѓаните на општина Куманово се запознаат со работата на советот денеска беа програмите за работа сите програми се добро направени секогаш се прават добро програмите ќе видиме каква ќе биде нивната реализација се разбира дека го поздравувам ова присуство и директните преноси ќе придонесат  граѓаните подетално и поблизу се запознаат со проблемите кои што ги има советот на општина Куманово-изјави Драги Караџински.

-Ова беше долго најавуван проект од локалната самоуправа меѓутоа до сега не беше реализирано сега една голема благодарност. Мислам дека со ова ќе се поттикнат и дискусиите да бидат поквалитетни  и да бидат поозбилни, до сега можеби имаше некои неозбилности во дискусиите но мислам дека сега тоа ќе се промени-нагласи Мирослав Стојановски.

Советниците се надеваат дека борбата на мислења ќе предизвика интерес кај граѓаните, за да активно ги следат наредните седници.

 

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)