Сертификати за невработени за обука за книговодство

Сертификати за завршена обука за службеници во книговодство денеска во Центарот за вработување добија 30-ина невработени лица, активни баратели на работа. Тие преку обуката и со добиениот сертификат стануваат конкурентни на пазарот на трудот, бидејќи ова занимање е дефицитарно на локалниот пазар на трудот. Како што информираа надлежните, лицата посетувале четиримесечна обука од кои три месеци теоретска настава од областа на книговодство и еден месец практична настава во книговодствени бироа. Во обуката се вклучени два провајдери кои имаат сертифицирана програма за обука Еуро Колеџ и образовен центар „Визија“ од Куманово.

„Целта на оваа мерка е да се зголеми конкурентноста на невработените на пазарот на трудот. При анализата на пазарот на трудот која што Агенцијата за вработување редовно ја спроведува, ова занимање се покажа како дефицитарно и во таа насока беше предвидено како дел од програмата -обука за побарувани занимања на пазарот на труд“-изјави, директорката на Центарот за вработување, Марија Димитријевска.

За обуката аплицирале 114 активни баратели на работа, одбрани се триесет, согласно предвидените критериуми, односно завршеното образование економски факултет или економски техничар.

-Селекцијата на кандидатите ја правеше Агенцијата за вработување, сметам дека е адекватно направена. Сите кандидати беа одговорни, редовни, успешно ја завршија обуката го положија завршниот тест-истакна Фросина Николовска, обучувач од Еуро Колеџ.

Програмата, обука за дефицитарни занимања се спроведува во рамки на оперативниот план на Владата на Р.Македонија за 2018 година.

 

Коментари

коментар(и)